Врховен судија фатен на дело како зема мито, бил во „шема“ со член на Советот на јавни обвинители?!

Врховен судија и член на Советот на јавни обвинители барале и примиле поткуп од син на обвинет, неофицијално 10 илјади евра, за да влијаат и да помогнат во судски постапки кои се водат против неговиот татко. Според информациите, лицето од кое било побарано мито ги пријавило двајцата осомничени дека за пари ветувале влијание во корист на неговиот татко, по што пријавителот им дал обележани банкноти од полицијата, кои судијата ги зел и бил фатен на лице место. Судскиот совет на итна седница ноќеска на полноќ му го одзема имунитетот на судијата во Врховниот суд, по барање на судија на претходна постапка, за да нема пречка тој да оди во притвор. Од ОЈО ГОКК соопштија дека „прибраните докази и извршените претреси до овој момент даваат законски основ на предметниот јавен обвинител да предложи притвор само за првоосомничениот кој е затекнат при извршување на кривичното дело, додека, во однос на второосомничениот, доказите не даваат основи за да се предложи најстрога мерка за обезбедување“. 

398

Врховен судија и член на Советот на јавни обвинители барале и примиле поткуп од син на обвинет, неофицијално од 10 илјади евра, за да влијаат и да помогнат во судски постапки кои се водат против неговиот татко. Според информациите, лицето од кое било побарано мито ги пријавило двајцата осомничени дека за пари ветувале влијание во корист на неговиот татко, по што пријавителот им дал обележани банкноти од полицијата, кои судијата ги зел и бил фатен на самото место. Од МВР потврдија дека судијата бил уапсен на самото место при извршување на кривичното дело.

-На 20.5.2024 година, лишен од слобода е судија од Врховниот суд, поради постоење на основи на сомнение за сторено кривично дело примање награда за противзаконито влијание. Судијата е лишен од слобода на самото место при извршување на кривичното дело, информираа од МВР.

Судскиот совет на итна седница, ноќеска на полноќ, му го одзема имунитетот на судијата во Врховниот суд, по барање на судија на претходна постапка, за да нема пречка тој да оди во притвор. Попландево судијата беше донесен на распит во Кривичниот суд и се очекува да му биде определена мерка притвор.

Покрај во Врховниот суд, претреси до доцна во ноќта се вршеа и во домот на членот на Советот на обвинители, како и во службените простории на Советот. Сепак, според соопштението од ОЈО, за второосомничениот не се очекува притвор, туку други мерки. За членот на Советот немаше потреба од одземање на имунитетот, затоа што тој не е обвинител или судија.

Од ОЈО ГОКК соопштија дека Обвинителството отворило истрага по акцијата на МВР која, пак, следуваше по претходна пријава од син на обвинет во предмет што се води во Основното јавно обвинителство.

– Вчера во попладневните часови МВР реализираше акција во која од слобода е лишен активен врховен судија. Врз основа на доставеното Известување од МВР, БЈБ, Оддел за криминалистичка полиција, Сектор за економски криминал и корупција, предметен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против две лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело Примање награда за противзаконито влијание од член 359 од Кривичниот законик, стои во соопштението од ЈО.

Според сознанијата добиени од пријавителот, како што дополнуваат од ЈО, првоосомничениот користејќи ја својата службена положба и претпоставено влијание лажно ветувал погодности за обвинет (татко на пријавителот) во друга постапка што се води пред Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, и лажно прикажале дека ќе извршат влијание заедно со второосомничениот.

– Предметниот обвинител, вчеравечер покрај предлозите за претрес на повеќе локации, ценејќи дека се исполнети условите до Основниот кривичен суд Скопје достави и предлог за определување на мерката притвор за првоосомничениот. Со оглед на тоа што станува збор за судија во највисокиот суд во државата – Врховниот суд кој ужива имунитет, а кој е фатен in flagranti во извршување на кривичното дело, предлогот преку Основниот кривичен суд е доставен на одлучување до Судскиот совет на РСМ кој во текот на ноќта му го одзеде имунитетот, по што денеска Основниот кривичен суд Скопје ќе одлучува за предложената мерка, информираа од Обвинителството.

Оттаму посочија дека прибраните докази и извршените претреси до овој момент даваат законски основ на предметниот јавен обвинител да предложи притвор само за првоосомничениот, кој е затекнат при извршување на кривичното дело, додека, во однос на второосомничениот, доказите не даваат основи за да се предложи најстрога мерка за обезбедување. Најавија дека истрагата продолжува до целосна проверка на сите околности и наводи.

Според информациите од поголем број медиуми, осомничениот судија во 2020 година бил избран за судија на Врховниот суд. Тој кратко бил член на Судскиот совет, но во јули но лани си поднел оставка, за да овозможи неговиот син да може да биде избран за судија во Основниот кривичен суд Скопје, како завршен кандидат на Академијата за судии и јавни обвинители.

Второосомничениот, пак, кој е член на Советот на јавни обвинители, во два мандати бил народен правобранител. Тој е и поранешен министер за правда, уставен судија, државен советник во Владата и член на Државната изборна комисија.

Иако, надлежните не го соопштија идентитетот на осомничените, медиумите објавуваат дека се работи за судија Наќе Георгиев и членот на Советот на јавни обвинители за Иџет Мемети.