Авион се запалил само што полетал од Рим: Сите патници се на сигурно, откриена причината за пожарот/ВИДЕО

122

Боинг управуван од кинеската авиокомпанија Хаинан, кој летал од Рим кон Кина, се запалил за време на летот, а според првичните информации, леталото било погодено од птица.

Моторот на Боингот се запалил набргу по полетувањето од аеродромот Фиумичино во Рим во неделата, соопштија официјални лица на италијанскиот аеродром и крајбрежната стража.

Според локалните медиуми, авионот летал за кинескиот град Шенжен, а во него имало 249 патници и 16 членови на екипажот. По избувнувањето на пожарот, авионот се вратил назад и безбедно слетал во Рим. Горивото претходно го фрлил над морето.

Авионот очигледно бил погоден од птица, се вели во соопштението на италијанската крајбрежна стража.

Ударите од птици се вообичаени и можат да претставуваат значителна закана за безбедноста на авионите.

Патниците врескале во паника, снимиле пожар од воздух
Немаше доцнења во воздушниот сообраќај во Фиумичино, изјави претставник на аеродромот.

Локалните медиуми објавија дека патниците биле вознемирени по овој инцидент и дека во авионот се слушнале врисоци и паника откако патниците виделе пожар во близина на десното крило.

На социјалните мрежи е објавена морничава снимка од авион кој се запали во воздух.

Во една од нив, огнена топка може да се види во близина на десното крило на авионот, додека пилотите брзаат да се вратат на аеродромот во Рим.

Серија експлозии пред пожарот, жителите стравуваа дека авионот ќе се урне
Според „Кориере дела сера“ дошло до серија експлозии, а потоа се запалил десниот мотор на авионот. На небото над Остија и Фиумичино се слушнаа мали експлозии. Авионот потоа прелетал над брегот неколку пати за да исфрли гориво во морето пред да се врати и да изврши итно слетување.

Силните експлозии на небото кај населението во Остија предизвикаа страв. Многумина стравуваа дека авионот ќе се урне на земја, но веднаш беа спроведени безбедносните процедури во случај на пожар во авионот.