Врачени наградите „Златен објектив“ на Луковска-Дончиќ и Куновски-Доре

53

Кинотеката, по повод својот „роденден“ на 29 април, секоја година го доделува признанието „Златен објектив“ на филмски работници кои преку својот професионален ангажман придонеле за создавањето, развојот, промовирањето и популаризацијата на македонската кинематографија. Манифестацијата за годинешните награди на Кинотеката се одржа во петокот на сцената на летното кино „Мирно Лето“. Лауреати на годинешните награди „Златен објектив“ се филмската монтажерка Олга Луковска-Дончиќ и филмскиот критичар Благоја Куновски-Доре. Директорот на Кинотеката Владимир Ангелов на лауреатите им ги врачи традиционалните пригодни плакети и значки стилизирани во духот на кинотечните вредности. Модератор на манифестацијата „Златен објектив“ беше д-р Атанас Чупоски, филмолог-советник во Кинотеката, кој ги презентираше деталните портрети на годинешните добитници, филмската монтажерка Олга Луковска-Дончиќ и филмскиот критичар Благоја Куновски-Доре. Чупоски ги запозна присутните со биофилмографијата на Луковска-Дончиќ и биобиблиографијата на Благоја Куновски-Доре од нивната најрана младост, кога биле „заразени“ со феноменот на подвижните слики, па се до денешен ден, кога и по повеќе од половина век посветени на филмот не ги напушта страста за новите треднови во седмата уметност.

Олга Луковска-Дончиќ пред почетокот на манифестацијата имаше можност за повторна средба со монтажниот стол од „Вардар филм“, каде што го минала целиот нејзин работен век, кој сега се чува во депото на Кинотеката, и на кој има монтирано илјадници километри филмска трака со најзначајните автори на македонската кинематографија од крајот на шеесеттите години па до крајот на минатиот век. „Пресреќна сум што толку години во животот сум посветила на монтажа. Многу сум возбудена, ме вративте во едно многу убаво време. Во монтажата секоја секвенца може да се измонтира на многу начини“, рече Луковска – Дончиќ.

Благоја Куновски-Доре ги потсети присутните на некогашните вредности во седмата уметност и улогата на филмскиот критичар и теоретичар, како сведок и учесник, а се осврна и на новите тенденции во светската кинематографија.

„Луѓето, за жал сè помалку одат во кино-сали, иако светските трендови се обидуваат да го спасат филмот како ритуал на излегување од дома. Суштината на филмот е да купите билет и да го гледате во кино-сала. Фестивалите, за среќа се последните кои се на браникот на зачувување на дигнитетот на филмот. Оваа награда е заокружување на една голема маратонска етапа, но мене сето тоа ме исполнува и досега сите иницијативи што сум ги презел успешно се реализирале. Филмот е уметност на визуелноста, на она што ќе го направи камерата, реализирана визија на еден автор. За мене најголемиот автор на сите времиња е Чаплин“, рече Благоја Куновски-Доре.