На 16. издание на Меѓународниот театарски фестивал „Свети Јоаким Осоговски“, што се одржува во Крива Паланка, на познатиот македонски актер Никола Ристановски, му беше врачена наградата за неговиот особен придонес во театарската уметност во земјава и во странство.
„Чувствувам огромна благодарност. Не само поради името на наградата, поради тоа што сум првпат овде, туку затоа што чувствувам еден редок однос, ретка емоција, редок пристап. Не само од општината, градоначалникот, пријателите, туку воопшто од луѓето што за ова кратко време успеав да ги сретнам. Во оваа пригода сакам да ги споменам заслужните и познати кривопаланчани како режисерот Кирил Ценевски и апсолутно уште едно големо име на кое многу му должам, актерката Милица Стојанова, кои се дополнителна причина што денеска навистина се чувствувам среќно“, истакна Ристановски. Според него професијата актер нема смисла доколку нема потполно давање и дека нејзината суштина е во споделувањето. Тој и е познат на јавноста по бројните и брилијантно одиграни улоги во театарот, филмот и ТВ сериите и е најтрофејниот, најнаградуваниот актер во историјата на македонскиот театар.
За актерското мајсторство на лауреатот говореа актерот Благоја Чоревски и Гоце Ристовски, истакнат публицист, театарски критичар, драмски автор, писател и новинар, кој директно му се обрти на Ристановски:
„Во тебе се собрани сите луѓе на овој свет, и оние што ги нема и оние што ги има, и оние што допрва ќе дојдат. Тоа го можат само вистинските мајстори-актери“.