Вработените во „Самсунг“ во генерален штрајк, бараат повисоки плати

28

Најголемиот синдикат на „Самсунг електроникс“ во Јужна Кореја стапи во генерален штрајк на неопределено време откако тридневниот прекин на работата и работничките маршеви не дадоа резултати. Работниците на „Самсунг“ бараат повисоки плати и бонуси.

Националниот синдикат на „Самсунг електроникс“ објави дека 31.000 негови членови, што е околу една четвртина од вкупниот број вработени во технолошкиот гигант во Северна Кореја, ќе стапат во штрајк, почнувајќи од денеска, што е најголем прекин на работата во 55-годишната историја на компанијата.

Од Синдикатот велат дека „компанијата ќе зажали што одбила да седне на преговарачка маса со работниците“.

– Колку подолго трае штрајкот толку е поизвесно дека раководството ќе попушти и ќе влезе во дијалог – велат од Синдикатот и додаваат дека се уверени во победа.

Од „Самсунг електроникс“ изјавија дека компанијата останува посветена на преговорите со Синдикатот со добра волја, додавајќи дека ќе се погрижат штрајкот да не влијае на производниот процес.

Лидерот на Синдикатот, Сон Вумок, изјави за Си-ен-ен дека ќе треба долго време да се рестартираат погоните затворени поради штрајкот.

Работниците првпат штрајкуваа во јуни, барајќи потранспарентна структура на платите и подобри услови за работа. Историскиот недостиг на чипови предизвикан од пандемијата на коронавирусот беше проследен со намалена побарувачка за електронски уреди минатата година, поради глобалната економска несигурност.

Бумот на вештачката интелигенција во изминатава година најави подобар период за компанијата „Самсунг“, која најави пораст на профитот во вториот квартал од оваа година. Синдикалците бараат да се одрази тоа и на нивните плати.

– Иако оперативната добивка е висока, во последните десет години компанијата тврди дека е во криза, а работниците се сè понезадоволни, бидејќи не се зголемуваат понудите за ефектот на работа – вели Вумок.