Во последните 19 години становите најмногу поскапеле во четвртиот квартал од 2008 година и тоа за 25,2 процента. За целата 2008 година растот изнесува 20,5 проценти. Таа година Република Македонија очекуваше влез во НАТО, што беше и причина инвеститорите практично преку ноќ да ги напумпаат цените на становите.
Пад на цените на становите во последниот квартал од минатата година во однос на истиот период лани регистрира Народна банка на Република Македонија. На годишно ниво цените на станбениот квадрат на крајот минатата година се спуштиле за дури 4,9 проценти, откако во претходнтие три квартали растеле.
Така, според табелата што ја објави НБРМ во првиот квартал од минатата година имало годишен раст на цените на недвижностите од седум проценти, во вториот од 5,3, а во третиот, пред да се случи падот, од минимални 0,2 проценти.
За разлиика од лани, преклани во првите три кватали од годината цените паѓале и тоа за 6,9 проценти, потоа за четири и за 1,4 проценти, за во четвртиот да пораснат за 3,4 проценти.
На квартално ниво, пак, во последниот квартал лани падот на цените на станбениот квадрат изнесува 2,1 процент.
Инаку, во последните осум години, или од 2010 до 2018 година недвижностите поевтиниле за 10,11 проценти.
Во последните 19 години, пак, становите најмногу поскапеле во четвртиот квартал од 2008 година и тоа за 25,2 процента. За целата 2008 година растот изнесува 20,5 проценти. Таа година Република Македонија очекуваше влез во НАТО, што беше и причина инвеститорите практично преку ноќ да ги напумпаат цените на становите. Во следниот квартал, прв во 2009 година доаѓа уште едно големо поскапување на годишно ниво, од 13,5 проценти, за потоа во кварталите што следат да има само неколку благи поскапувања и многу повеќе поевтинувања на становите, но со едноцифрени проценти.
И покрај речиси континуираниот пад на цената на станбениот квадрат продажбата на новите станови, судејќи според статистичките податоци, тешко се одвива. Последниот годишен извештај што го објави Агенцијата за кататстар на недвижности покажа дека во 2017 година од вкупниот број станови кои биле предмет на купопродажна трансакција само 8,5 проценти биле новоизградени. Или од пет до шест илјади новоградби, колку што е годишната продукција на нови станови, во текот на целата година се продале само 963. И од еснафското здружение при Стопанската комора на Македонија неодамна потврдија дека конкретно во Скопје, каде што всушност е сконцентрирана станоградбата во државата, има голем број непродадени станови.
Овој податок надополнет со информаците од Државниот завод за статистика дека растат трошоците за градба, а во услови на регистриран надолен тренд на цените на становите, е причина градежниците да пројавуваат се помал интерес за градење. Исклучок се најатрактивните локации кои ветуваат сигурна продажба, а нив ги има малку и сите се во главниот град.
Така, најновите податоци на ДЗС за издадените одобренија за градење кои се за октомври лани покажуваат дека општините издале дозволи за изградба на 1.591 станови со вкупна корисна површина од 116.486 квадратни метри. Од нив 1.221 се во Скопје и тоа најмногу во Центар и Аеродром. Во општината Центар, која е најатрактивна за градителите на станови, издадени се одобренија за градење на дури 784 станови, иако таму градба е дозволена само во една градска четврт, а сите останати се под мораториум. И во Аеродром каде што исто така секогаше се барал плац повеќе, со октомвриските градежни дозволи ќе никнат дури 408 нови станови. Во другите општини, како скопските, така и низ државата, владее тотално затишје. Така, во осумте општини од Вардарскиот регион издадени се одобренија за изградба на само седум стана.
Во Пелагонсискиот регион, пак, каде што има девет општини, само во Долнени е издадена дозвола за изградба на една куќа, додека пак во Североисточниот регион живеалишта се градат само во Ранковце и тоа се на се две. Малку над 100 станови со одобренијата од октомври се градат во Полошкиот и во Југозападниот регион, додека во останатите бројот е занемарлив.
(С.В.)