Во љубовниот триаголник на Хеда Габлер и министерот Љутков: Отворен фестивалот РУТА

1202

Со силен аплауз и овации, љубителите на театарската уметност ја наградија претставата “Хеда Габлер” која синоќа во Драмски театар го отвори фестивалот РУТА,  кој ќе трае до 20 октомври.

Маестралната глума на одличната актерска екипа, Сања Арсовска во улога на Хеда, Владимир Петровиќ, Дениз Абдула, Сара Климовска како и актуелниот министер за култура и туризам Зоран Љутков, под режисерската палка на Васил Христов, успеаа со еден современ театарски концепт да ја прикажат Ибзеновата драма која во 1890 година ја скандализирала театарската  јавноста и тогашниот естаблишмент. Борбата на Хеда за автономност и потрага по совршенство со амбиција да биде “машка жена”, на крајот завршува со убиство на совршенството.

Фестивалот за отворен го прогласи директорот на Драмски театар Роберт Велјановски а во публиката, меѓу почитувачите на театарот беше и претседателката Гордана Сиљановска Давкова.

Во рамките на РУТА, за вечерва 16 октомври е најавено кабарето „Концерт за лажици и гитара“ на театарот „Улисис“ од Загреб, чии ментори се Раде Шербеџија и Ленка Удовички.

„Целосно странци“, работена според истоимениот филм на италијанскиот режисер Паоло Џеновезе на Камерни театар 55 од Сараево е на 17 октомври.
На 18 октомври ќе се претстави ансамблот на Градско позориште Подгорица со претставата „Мислам дека треба да разговараме“ инспирирани од филмскиот класик „Сцени од брачниот живот“ на Ингмар Бергман.

Београдско драмско позориште (БГД) со претставата „Швејк“, работена по сатиричниот роман на чешкиот писател Јарослав Хашек, гостува на 19 октомври а РУТА се затвора на 20 октомври со „Иднина“, копродукција на Местно гледалишче Љубљана и БГД.

РУТА е Регионална унија на театри основана во октомври 2019 година од Местно гледалишче Љубљана, Београдско драмски позориште, Камерни театар 55 Сараево, Театар Улисис – Загреб, Градско позориште Подгорица и скопски Драмски театар.