Педијатарот, Дијана Коцева – Миланова од службата за превентивна заштита при ЈЗУ „Здравствен дом „Панче Караѓозов“-Штип, вели дека процентот на имунизирани деца до една година во Штип изнесува околу 80 отсто.
-Засега имаме добиено насоки за проверка на картоните за имунизација на децата и понатаму ќе ги следиме упатствата, вели Коцева – Миланова.
Посочува дека постојано се јавуваат на родителите и ги потсетуваат дека имаат пропуштено вакцина, а по појавата на првиот случај на морбили кај 13-годишно дете очекува и да се зголеми свесноста кај родителите за заштита на здравјето на сопствените деца. Според Коцева – Миланова не се работи за тоа дека родителите ја избегнуваат имунизацијата, туку дека ја одлагаат. Најчесто се чека детето да прооди и прозбори, а дури потоа го носат на вакцинација. Ваквиот став е неоснован и неоправдан, бидејќи со тоа го изложуваат сопственото дете да биде подложно на инфекција.
-Има голем процент на заразност. Од 10 деца кои доаѓаат во контакт, а не се имунизирани, ќе заболат дури девет и компликациите кои може да ги даде самата болест се сериозни, сериозна пневмонија, воспаление на мозокот, па дури во ретки случаи и смрт, рече Коцева – Миланова.
Последен пат епидемија на морбили имаше пред четири години, кога на штипското Инфективно одделенија завршија дваесеттина пациенти