Во Швајцарија почнува дводневен мировен самит за Украина

74
Фото: epa11410048 Bernhard (L) and Daniel Egger (R) place the flags of Switzerland and Ukraine during final preparations ahead the Summit on Peace in Ukraine, in Stansstad near Lucerne, Switzerland, 14 June 2024.

Денеска во Швајцарија почнува дводневен мировен самит за Украина на кој ќе учествуваат 100 делегации од целиот свет, но не и од Русија. Швајцарската влада објави дека 100 делегации потврдиле учество, меѓу кои 92 земји и осум организации. Русија не беше поканета на самитот, но швајцарската влада, како домаќин на самитот, изјави дека средбата ќе има за цел „заеднички да дефинира патна карта“ за вклучување на Москва и Киев во идниот мировен процес, пренесува Ројтерс.

Агенцијата наведува дека Швајцарија се согласила да биде домаќин на самитот во јануари, на барање на украинскиот претседател Володимир Зеленски и дека се обидела да добие поддршка за тоа меѓу земјите кои имаат подобри односи со Москва од водечките западни сили.

Русија го отфрли самитот како губење време, а Кина рече дека мировните преговори се бесмислени доколку и Русија и Украина не учествуваат.

На самитот во хотелот Бургенсток над езерото Луцерн во централна Швајцарија, покрај украинскиот претседател Володимир Зеленски, доаѓаат и американскиот потпретседател Камала Харис, францускиот претседател Емануел Макрон, лидерите на Германија, Италија, Велика Британија, Канада, Јапонија и други.

На самитот треба да се разговара и за области од широко меѓународно значење, како што се потребата од нуклеарна и прехранбена безбедност, слободата на навигација, како и хуманитарни прашања како што се воените затвореници, изјави швајцарскиот министер за надворешни работи Игнасио Касис.