Во Франција се одржува првиот круг од вонредните парламентарни избори

31
Фото: EPA-EFE/Mohammed Badra

Во Франција денеска ќе се одржи првиот круг од вонредните парламентарни избори, кои би можеле за првпат по Втората светска војна да ја доведат крајната десница на власт, по убедливата победа на партијата Национален собир (НС) над центристичкиот сојуз на претседателот Емануел Макрон на изборите за Европскиот парламент.

Повеќе од 49 милиони граѓани имаат право на глас и ќе избираат 577 пратеници за долниот дом на францускиот парламент. Вториот круг е закажан за 7 јули. Медиумите ги означија овие избори како едни од најважните во последните две децении во земјата.

Претседателот Емануел Макрон распиша вонредни избори на 9 јуни, објавувајќи го распуштањето на Собранието, истата вечер кога крајната десница забележа убедлива победа на европските избори, одржани истиот ден во Франција.

Французите го избираат Францускиот парламент на многу специфичен начин. Парламентот се состои од два дома – Сенат и Национално собрание. Сенатот се избира посредно (пратениците се избираат од страна на највисоките претставнички тела) и ги претставува територијалните единици и граѓаните на Франција кои живеат во прекуморските територии. Франција има 18 региони, од кои 13 се наоѓаат во европска Франција, а 5 се прекуморски поседи.

Пратениците во Националното собрание се избираат директно на избори. Макрон го распушти само Националното собрание, па Французите во првиот круг (30 јуни) и вториот круг (7 јули) ќе избираат 577 пратеници по принципот еден пратеник од една изборна единица.

Тие ќе бидат избрани по уникатен изборен систем што го применува само Франција – апсолутно мнозински изборен систем. Иако теоретски изборите можат да се одржат во само еден круг, за избор на нов пратеник секогаш се потребни два круга. Правилата на првиот круг се релативно едноставни. Победник е кандидатот кој ќе освои повеќе од 50 отсто од гласовите под услов да гласале најмалку 25 проценти од регистрираните гласачи во таа изборна единица.

Бидејќи е тешко да се постигне апсолутно мнозинство, мора да се оди во втор круг. За разлика од другите демократски држави каде во втор круг одат двајцата кандидати со најмногу освоени гласови, во апсолутно мнозинскиот систем во втор круг одат сите кои освоиле повеќе од 12,5 отсто од гласовите во првиот круг.

Со оглед на бројноста на партиите и расцепканоста на изборниот корпус, во изборниот закон постои дури и одредба – ако ниту еден од кандидатите не успее да го премине прагот од 12,5%, во втор круг одат двајцата кандидати со најмногу освоени гласови во првиот круг. Теоретски, во вториот круг може да влезат дури осум кандидати, но во пракса најчесто влегуваат три или четири.

За да не се оди во трет круг, во вториот победува кандидатот кој ќе добие најмногу гласови – релативно мнозинство. Со тоа, вториот круг е сличен на британските парламентарни избори, но Британците сè решаваат во еден круг.

Фактот дека победува кандидатот со релативно мнозинство отвора многу можности за принципиелни и непринципиелни коалиции. Сродните политички партии се принудени да склопат коалиција пред вториот круг и да истакнат заеднички кандидат за да не победи спротивната политичка опција. Така, апсолутно мнозинскиот изборен систем пред вториот круг го намалува бројот на кандидати за завршното гласање.

Изборниот закон им овозможува на кандидатите да се повлечат од изборите до вториот круг, што потоа значително го менува односот на силите. Најчесто се повлекува кандидатот со помал процент на гласови, но нема правила.

Стручњаците и политичарите очекуваат значително зголемување на одѕивот во однос на изборите во 2022 година, кога учествуваа само 47,51 отсто од гласачите. Овој пат се очекува дека одѕивот ќе биде околу две третини од запишаните гласачи, односно над 60 проценти.

Тоа зголемување делумно се припишува на потенцијално историските последици од изборите, кои за првпат од 1997 година би можеле да не се усогласат со претседателските избори.

Две анкети објавени во петокот – Институтот Ifop за Фигаро и Sid Radio, и институтот Одокса (Odoxa) за регионалните медиуми и Нуел Обс, предвидуваат дека крајно десничарската група ќе освои меѓу 35 и 36,5 отсто од гласовите.

Според овие анкети, Сојузот Нов народен фронт, кој ги обединува сите левичарски партии, вклучувајќи ја и Непокорена Франција (LFI, радикална левица), ќе освои меѓу 27,5 и 29 отсто од гласовите, додека групата околу претседателот Макрон ќе добие околу 20,5 до 21 процент од гласовите.

Некои анкети сугерираат дека може да се замисли Национален собир и неговите сојузници да освојат апсолутно мнозинство од најмалку 289 пратеници.

Проекциите се соочуваат со сериозни непознаници, почнувајќи од тоа каде ќе останат по тројца кандидати за вториот круг, како и колкав број од повлекувања ќе има во последен момент, во обид да се обединат гласовите против НС.

Кампањата, која траеше три недели, беше обележана со инциденти на терен, при што неколку кандидати и активисти беа нападнати поради зголемените тензии меѓу трите блока, кои се меѓусебно обвинуваат за насилство.

Ако на изборите НС или левичарската коалиција Нов народен фронт (NFP) освојат апсолутно мнозинство (најмалку 289 пратенички места), Макрон ќе мора да избере премиер од редовите на победничката коалиција, кој ќе ги избере своите министри, односно ќе се појави кохабитација на претседател и премиер од спротивни политички табори.

Во случај исходот од изборите да биде релативно мнозинство во парламентот (230 пратенички места), победникот ќе мора да склучува сојузи за да се овозможи усвојување на законите и функционирање на парламентот.