Необезбедени градилишта, според пропишаните стандарди и градежни работници без лична заштита, секојдневно гледаме низ Скопје и низ внатрешноста. Тоа резултира со повреди и жртви на работното место, како што беше последната на објект во просторот на поранешната фабрика „Треска“, по што го држиме неславното прво место во Европа на вакви несреќи, споредено со вкупниот број на работници.
– Се брза да се запазат одредени рокови, се штеди на лична заштитна опрема и обуки, се работи на црно и прекувремено за денар повеќе и тогаш се случуваат катастрофите – вели за весникот ВЕЧЕР, потпретседателот на ССМ и претседател на Синдикат за градежништво, индустрија и проектирање (СГИП), Иван Пешевски.
Тој потенцира дека законски работниците се заштитени во однос на безбедноста и здравјето при работа, но во пракса тоа е сосема друга работа.
– Она што е најголем проблем е примената на Законот за безбедност и здравје при работа, во пракса. Се заобиколува и во најголем дел не се почитува од страна на работодавачите. Сè уште имаме работодавачи кои сметаат дека личната заштитна опрема чини многу, или, пак, задолжителните обуки на вработените е само трошок. Сето тоа е доцна да се надомести кога ќе се случат несреќи при работа кои најчесто во нашиот сектор се со тешки повреди, па дури и фатални последици (смртен исход). Она што со сигурност можам да го кажам е дека доколку се почитува во целост и применува постојниот закон, ќе имаме безбедни работни места, но засега тоа не е случај. Статистички сме меѓу првите во Европа со најголем број повреди и жртви и тоа мора да се промени час поскоро – вели Пешевски.
Тој посочува дека Државниот инспекторат за труд, како и Градежниот инспекторат се без капацитет да постигнат надзори на сите градилишта и објекти што ги гледаме како се градат. Тој предлага да се предвидат многу построги контроли и казни за несовесните работодавачи, особено во градежниот сектор.
– Направивме студија која покажа дека само во секторот градежништво и индустријата за градежни материјали дури 26 работни места се со зголемен ризик на работа и изложени на надворешни влијанија во текот на целата година – вели синдикалецот.
Според него, сè уште не е донесен нов закон за заштита при работа, кој се подготвува повеќе од 5 години, исто така СГИП веќе 12 години има поднесено иницијатива за бенефициран стаж на сите работни места со висок ризик.
– Во нашиот предлог за новиот закон голем акцент ставивме и се надевавме ќе се испочитуваат одредбите во делот на претставниците на работниците за безбедност и здравје при работа, обезбедување соодветна, а не најевтина заштитна опрема, обезбедување обуки од страна на експерти и овластени установи и едноставно подигнување на свеста кај сите во областа. Но, сега нема политичка волја истиот да се донесе. После долги преговори и разговори и со работодавачите и со претставниците на власт на сила е стариот Закон кој претрпе големи промени и да бидеме искрени има доста поволни права и за нас работниците – вели Пешевски.
Тој потенцира дека до денес не се најде начин да се промени и Правилникот за утврдување на работните места, со кој стажот за осигурување се смета со зголемено траење (бенефициран стаж). Посочи и на ниските плати во овој сектор
– Жално е да имаме сè уште плати далеку под просечна плата во овој сектор кој креира 7% од БДП на државата и кој брои преку 50.000 вработени. Да не заборавиме дека тука има голем дел на вработени без никакви договори за работа и осигурување и сè уште земаат плата во плик или надница на дневно ниво. Особено тоа се повозрасни работници кои се со ниски пензии или воопшто не пријавени, а се во потрага по егзистенција – вели Пешевски.
Тој ги искритикува и самите работници и нагласува дека одговорноста, пред сè, почнува од самите нив кои мора да знаат дека доколку нешто не е испочитувано и е ризично по нивната безбедност, да отстапат од таа работа и едноставно отфрлат да бидат изложени на работа која може да го загрози нивното здравје или живот.
– Но, за жал, потрага по работа и плата, работниците не секогаш ја ставаат безбедноста на прво место, а пак, работодавачите уште помалку. Тоа се случува и со странските работници кои доаѓаат од Непал, Пакистан итн. кои не се запознаени со многу права од работен однос, ниту со нашата законска регулатива. Работодавачите не само од градежниот сектор бараа и добија зголемена квота за увоз на работна сила за што Синдикатот за градежништво и генерално ССМ имаше спротивставени ставови – истакна Пешевски.
Тој се сомнева во стручноста на увезените градежни работници, бидејќи, како што вели „доаѓаат за плата која едвај стасува за живот и затоа најголем дел од нив избегаа и од Македонија“.
– Во СГИП немаме членови странски работници за да имаме повеќе информации, но она што може да го дознаеме од терен е дека најголем дел од нив ќе бидат ангажирани на изградба на новите Коридори 8 и 10 Д. Досега имаше градежни работници од Турција кои работеа на објекти во центарот на Скопје. Минатата година Државниот инспекторат за труд фати речиси 100 непријавени работници, а на истото градилиште имавме и 34-годишен загинат работник. За жал, одговорноста си ја сносат самите работници, бидејќи скоро никој инвеститор не одговараше кривично, а да не заборавиме дека најголем инвеститор во градежниот сектор особено во делот на изградба на инфраструктурните објекти е самата Влада – истакна Пешевски.
(С.Бл.)