Од ден на ден се поголем и поголем е бројот заразени со коронавирус во редовите на англискиот премиерлигаш Тотенхем Тотенхем поради што Европската куќа на фудбалот (УЕФА) мораше да го одложи одигрувањето на натпреварот во Лондон во рамки на УЕФА Конференциската лига против францускиот прволигап Рен.
Британските медиуми открија дека засега позитивни на Ковид-19 се осум фудбалери и петмина од клупскиот персонал, а менаџерот на популарните „петли“, Антонио Конте откри дека во моментов на располагање има само 11 здрави фудбалери.
- Проблемот е во тоа што секој ден имаме нови луѓе со Ковид. Луѓето, кои вчера не беа позитивни, денеска се позитивни, а ние и натаму имаме контакт со луѓе за кои мислиме дека се негативни. Искрено, многу сум вознемирен поради моменталната ситуација која е повеќе од сериозна. Мора да признаеме дека станува збор за голема инфекција во нашите редови. Сите сме уплашени, не знаеме што ќе се случи утре, кој е следниот што ќе биде позитивен, изјави трофејниот италијански стручњак.
Англиските медиуми открија дека под знак прашачник е и неделниот натпревар во Премиер лигата помеѓу екипите на Брајтон и Тотенхем.
- Кој ќе биде следниот позитивен? Јас? Не знам. Подобро јас отколку некој друг фудбалер. Не е во ред да збориме на оваа тема затоа што сите ние сме биле во контакт со некој член од фамилијата, додаде Конте.