Во Тиват на Јадранско Море – овој викенд под знамето на Македонија: Мартинијан, Ана, Копров и Елена на „Бисер на Јадранот 2024“  

5850

Да навиваме за нив! Новите песни „Љубав увијек побједи“ и „Змај“ се авторско дело на Григор Копров, Душан Бачиќ, Елена Ристеска и Ненад Тодоровски, за кои и авторите и пејачите Ана Петановска-Петан и Мартинијан Кириловски-Кирил очекуваат да постигнат огромен успех. Публиката, гласајќи за нив, ќе се обиде воедно да и ја овозможи  победата на Македонија!  

Овој викенд имаме причина да навиваме, а можеби и да славиме, доколку тие победат. Во убавото Јадранско летувалиште Тиват, на црногорскиот морски брег за првпат се одржува голем забавно-музички фестивал „Бисер на Јадранот 2024“, а на него учествува и Македонија. Нашите претставници се пејачите Ана Петановска и Мартинијан Кириловски, кој од порано публиката го знае како еден од поуспешните „Ѕвезди на Гранд“. Фестивалот ќе биде пренесуван и на програмата на ТВ Црна Гора, в сабота, од 21.

Ана ќе је пее песната „Љубав увијек побједи“ („Љубовта секогаш победува“) за која музиката ја напиша добро познатиот Григор Копров, текстот е на Душан Бачиќ, а аранжманот на Стефан Петановски. Нашата претставничка очекува да остави одличен впечаток како кај публиката, така и кај жирито и новинарите. Македонската публика 20-годишната Ана најмногу ја препознава по настапите на традиционалниот концерт на Националната опера и балет (НОБ) по повод празникот Василица, потоа на Оскаровската Гала вечер со филмска музика, концертите на Камерниот оркестар од Битола со хитови од `80-тите и `90-тите и секако ВИП-концертот посветен на ангелот Тоше Проески.

А, од Куманово како уште еден рамноправен македонски претставник доаѓа Мартинијан Кириловски. Тој је пее песната „Змај“, авторско дело на Ненад Тодоровски и Елена Ристеска.

И Мартинијан живее со причина во надеж дека не само што одлично ќе испее, туку се надева и на некоја од главните награди.

Инаку, композиторот Григор Копров по учеството на „Бисер на Јадранот 2024“ со Ана Петановска, подготвува голем концерт во неговата чест. Концертот е насловен како „Најдоброто од Копров“. Ќе се одржи на 4 јули во „НОБ“, со што Копров, кој е воедно и директор, но и сопственик на познатиот фестивал „Охрид фест – Охридски трубадури“ ќе го претстави своето богато долгогодишно музичко творештво. Покрај Ана, на тој концерт ќе пеат и Наде Талевска, Горан Наумовски, а како ексклузивен гостин на покана на Копров ќе пее многу популарниот Владо Јаневски.

Публиката, која е со години љубител на песните на Григор Копров, ќе има можност да ги чуе добро познатите рефрени од хитовите „Лиду-ду-ду“, „Остани во мене“, „Да море зна“, „Чаирска романтика“, „Анушка“, „Не допирај ме“, „Усни на усни“, „Не зори, зоро“, „Црно Тиквешко“….и многу други песни кои оставиле трага на македонската музичка сцена.На самиот концерт ќе се одржи и промоција на видео записот за песната „Балада за ангелот“ од Григор Копров изведена неодамна на забавно-музичкиот фестивал „Белградска пролет 2024“.

Д.М.