Во Тетово стигна бугарскиот маратонец кој трча од Варна до Драч

128

Бугарскиот маратонец Красимир Георгиев стигна во Тетово каде вечерва ќе преноќи во рамки на неговиот подвиг да трча од Варна во Бугарија, па да помине низ Северна Македонија и да заврши во Драч во Албанија. Тој веќе десет дена трча дел од целокупната рута долга 1.000 километри.

Сакам предизвици со различни каузи, а Коридорот 8 е исклучителна кауза. Со европратеникот Андреј Ковачев разговаравме и излезе идеја. Чекаме многу време, а знаеме дека е многу важен овој проект за Балканот. Вака јас повеќе ќе можам да разберам за соседите бидејќи на пример знаеме повеќе за Америка отколку за соседите. Се поддржуваме повеќе години, ние сме пријатели, живееме на Балканот и важно е да може да полесно да се стига до Македонија. Патот до Крива Паланка се прави во моментот но јас сакам да железничка пруга, да има автопат, да може да се лета побргу. Северна Македонија ќе влезе во ЕУ и ни треба да биде подостапна. Повеќе пати сум бил тука, но сакам да научам повеќе за Вас, што ви се емоциите, проблемите, што ве тера напред. Политичарите прават свои напори, а мојот начин е со спорт, кој ги обединува народите и ги мотивира другите, рече Георгиев во Тетово.

Тој во Тетово беше пречекан од раководителот на општинскиот сектор за јавни дејности Ахмед Ќазими и претставници од кабинетот на градоначалничката. Им предаде статуетка која ќе симболизира припадноста на Тетово во акцијата и поврзувањето на 20-те градови долж Коридорот 8.

– Тетово ја има таа среќа да биде не место каде се вкрстуваат коридорите, каде поминува Коридорот 8 и во наша близина е Коридорот 10. Тоа е добра можност каде може да се направат вкрстување на култури, вкрстување на спорт, економија, со заеднички сили може да имаме просперитет целокупниот регион. Ова е значајна иницијатива на трите премиери, се надевам дека со оваа активност ќе се интензивира и побргу да се да се заврши Коридорот 8, автопатите кои не се изградени и желенизница меѓу трите држави. Да има и енергетска поврзаност, а со тоа ќе има економски просперитет. Со културни и спортски спојувања да бидеме дел од една заедничка Европа, рече Ќазими.

Проектот за овој маратон се одржува под мотото „Конективност“ или поврзување, а е под покровителство на тројцата премиери-Бојко Борисов, Зоран Заев и Еди Рама. Георгиев утре продолжува со трчање кон Гостивар и Кичево.