Во судирите во Судан загинаа најмалку 97 луѓе, а над илјада се повредени, соопшти Централниот комитет на суданските лекари.
Трет ден од борбите за превласт во Судан, но ниту армијата ниту паравоените сили не успеваат да извојуваат победа.
И армијата и паравоените Сили за брза поддршка (РСФ) вчера најавија дека го прифаќаат барањето на ОН за воведување тричасовна „хуманитарна пауза“ за да се овозможи евакуација на повредените, но засега не се знае дали се придржувале до договореното.
Повеќенеделните тензии поради предлогот за повторно воспоставување на цивилна власт ескалираа на 15 април кога почнаа борбите во главниот град на Судан, Картум, за подоцна да се прошират речиси во цела земја.
По народното востание во кое беше соборен Омар ал Башир во 2019 година, Судан се обидува да ги организира првите слободни избори по 30 години диктатура. Но, тоа е попречено со воениот удар во 2021 година кога генералите ги здружија силите за да ја соборат цивилната власт.
Од воениот удар во 2021 година со Судан раководи Суверен совет составен од армиски генерали. РСФ е под команда на потпретседателот на Советот, генерал Мохамед Хамдан Дагал, познат како Хемедти, а армијата ја предводи генералот Абдел Фатах ал Бурхан, кој е претседател на Суверениот совет. Според предложената транзиција кон цивилна влада, РСФ ќе биде интегрирана во суданската армија. РСФ бараше транзицијата да биде одложена за 10 години, но според армијата повторното воведување на цивилна власт треба да се случи за две години
РСФ се составени од припадници на полицијата Џанџавид е формирана од поранешниот судански претседател Омар ал Башир пред повеќе од 20 година за да го задушат бунтот во Дарфур. Башир во 2013 година ги трансформира Џанџавид во полуорганизирана паравоена сила, а на лидерите им дава воени чинови пред да ги испрати во Јужен Дарфур, а потоа нејзините припадниците се бореа во Јемен и во Либија. РСФ учествуваше и во задушување на мирниот протест пред воениот штаб во Картум, при што се убиени стотици луѓе и силувани десетици жени и девојки.
Централна причина за тензии од почетокот на бунтот е цивилното барање за контрола над војската и интеграција на РСФ во редовните вооружени сили. Цивилите, исто така бараат на отуѓување на профитабилните земјоделски, трговски и индустриски имоти што се во сопственост на армијата.
Друга спорна точка е потрагата по правда за наводните воени злосторства од страна на армијата и нејзините сојузници во конфликтот во Дарфур од 2003 година. Меѓународниот кривичен суд бара судски процеси за Башир и другите осомничени.
Се бара правда и за убиствата на продемократските демонстранти по државниот удар во јуни 2019 година
Меѓународната заедница од почетокот на конфликтот повикуваа на прекин на огнот. Арапската лига и Африканската унија свикаа вонреден состанок. Претседателот на Комисијата на Африканската унија (АУ) Муса Факи Махамат вчера итно отпатува за Судан.