Библиотека на тркала – велосипедот „Велко“ е новата иновативна услуга на библиотеката „Благој Јанков- Мучето“ од Струмица.
Со овој проект, во 2024 година, библиотеката ѝ се приклучи на агендата на ООН 2030 за зелени библиотеки, носејќи ги книгите поблиску до сите, особено до оние со инвалидитет, повозрасните граѓани и до лицата со посебни потреби.
– Со велосипедот „Велко“, волонтерите ги доставуваат книгите директно до вашите врати, надминувајќи ги пречките што постоеја досега. Оваа услуга ќе биде достапна еднаш неделно, со претходно закажување на телефонскиот број 034-349-040 или преку и-мејлот bibliotekastrumica@gmail.com – велат од библиотеката.
Услугите со карговелосипедот се бесплатни и можат да ги користат сите љубители на книгата. Посебен акцент е ставен на руралните средини што немаат библиотеки. Со оваа иницијатива, жителите на малите места добиваат можност за лесен пристап до саканата литература, без разлика на својата локација.