Во Србија потрошувачката на електрична енергија е помала за 16 отсто во однос на истиот период лани

31

Вицепремиерката и министер за рударство и енергетика, Зорана Михајловиќ изјави дека во првите 17 дена од октомври потрошувачката на електрична енергија во Србија е намалена за 16 отсто во однос на истиот период од претходната година, односно дека граѓаните и стопанството заштедиле околу 50 милиони евра, според просечната цена во октомври, јави дописникот на МИА од Белград.

-Им благодариме на граѓаните и стопанството за одговорноста и солидарноста. Успеавме да ја намалиме потрошувачката за 16 проценти во првите 17 дена од овој месец во однос на истиот период лани и заедно придонесовме државата да издвојува помалку пари за увоз на струја. Точно е дека времето се уште е добро, а температурите високи, но ова е показател за заедничка солидарност и желбата да се намали потрошувачката. Дадовме препораки, никого не обврзавме, туку на сите им сугериравме како да штедат, за разлика од многу европски земји каде има ригорозни казни доколку се надмине планираната потрошувачка, изјави Михајловиќ на ТВ К1, соопштија од нејзиниот кабинет.

Таа повтори дека се обезбедени доволно количество струја, топлинска енергија, како и сите извори на енергија и дека државата ќе направи се така да биде до крајот на зимската сезона.

-Секако ќе увеземе струја во текот на зимата, но се чини дека ќе биде помалку отколку што мислевме, имајќи предвид дека луѓето ги усвојуваат препораките што ги предложивме. Проценката беше дека до крајот на март ќе издвоиме три милијарди евра за увоз, а сега верувам дека оваа сума може да се намали и да биде меѓу 1,5 и 1,7 милијарди, бидејќи првите податоци покажуваат дека има солидарност и одговорност, изјави Михајловиќ.