Хиперпродукцијата ја намали цената на деловниот простор во Скопје. Во централното градско подрачје, во зависност од локацијата и квадратурата, може да се изнајми дуќан и за 50 евра. И покрај тоа што цената драстично се намали, многу дуќани во Скопје не се издадени. Ако прошетате низ градот ќе видите многу дуќани и продавници со натпис „се издава“ или „се продава“, а слична е состојбата и во трговските центри. Причината, според познавачите, на пазарот е што младите се иселуваат и не се отвораат нови бизниси, а оние постојните се префрлуваат онлајн поради пониски давачки. Малите дуќани се затворија и поради конкуренцијата од големите маркети и трговските центри.
Градежници велат дека хиперпродукцијата и големата понуда на деловен простор си го направија своето и сега сопствениците мака мачат да ги издадат дуќаните.
– Пазарот за деловна намена се презасити, а тоа ќе се случи наскоро и со становите. Поради големата понуда и малата побарувачка, цената на деловниот простор паѓа. Сега, тенденцијата е да се прават поголеми деловни објекти и во нив да се продаваат храна, облека, техничка стока… Граѓаните сакаат да ги задоволат сите потреби на едно место. Овој тренд, кој го наметна Западот, предизвика зголемена побарувачка за голем деловен простор од 300-400 квадратни метри, вели за ВЕЧЕР градежниот експерт Никола Велковски.
Големите трговски центри ги затворија малите дуќанчиња, а поради кризата многу малите бизниси пропаднаа.
–Шопинг центрите ги затворија малите продавници дури и оние кои се наоѓаа на атрактивни локации во центарот на градот. Моловите ги сменија куповните навики, пред сè и поради тоа што таму има паркинг простор, ресторани и сè што е потребно за непречено купување. Тоа не може да го дадат дуќаните кои се во центарот на градот каде што за да се стигне треба да се паркира на голема оддалеченост. Сето ова ги прави неатрактивни деловните објекти надвор од моловите. Поради тоа голем дел од дуќаните не се издаваат и зјаат празни, појаснува Велковски.
Од агенциите за недвижности велат дека многу дуќани се празни и тешко се издаваат бидејќи има преголема понуда. Така сега и во централното градско подрачје може да се изнајми дуќан и за 50 евра.
–Голем дел од бизнисите се затвораат, а нови не се отвораат бидејќи младите се иселуваат. Во моментов, бројот на дуќани во Скопје е многу поголем од побарувачката, поради тоа и цената на изнајмувањето постојано паѓа. Така, на пример, сега може да се изнајми дуќан за 50 евра за разлика од пред неколку години, кога не можеше под 100 евра, велат за весникот ВЕЧЕР од една агенција за недвижности.
Голем дел од сопствениците на дуќани последниве години ги продаваат, бидејќи подолго време стојат празни и не се издадени. Велат дека не можат веќе да ги плаќаат сметките за струја, вода, комуналии…Оние пак кој ги издаваат велат дека ги изнајмуваат по далеку пониска цена од пред неколку години само да можат да ги покријат давачките.
Освен големата понуда на дуќани, врз падот на цената влијаеше и моменталната ситуација во државата, намалената куповна моќ на граѓаните и иселувањето на младите.
(А.С.)