Почна да се гради нова градинка во скопската населба Расадник, која ќе биде со капацитет за 120 деца. Објектот ќе се протега на површина од 795 квадратни метри, ќе има шест занимални, од кои две се за јасли, што значи дека ќе бидат исполнети барањата на жителите на Расадник. Вредноста на овој капитален проект е 35 милиони денари.
– Со завршувањето на изградбата на овој објект, листите на чекање во градинката „8 Март“ целосно ги затвораме. Од почетокот на мојот мандат, со наследена листа на чекање со 450 деца, во изминативе три години вложивме во отворање на две нови детски градини и во проширување на капацитетите и обнова на дури седум други објекти. Со тоа, во Општина Кисела Вода сега за упис чекаат само околу 40 деца. Во моментов, во завршна фаза е изградбата на градинката „Верверичка“ во близина на општинската зграда, а веќе сме во процес и за изградба на нова градинка во населбата Потстаница. Со завршувањето на овие објекти, нема само да ги елиминираме листите на чекање, туку ќе обезбедиме поголем простор, комфор и подобри услови за децата од Кисела Вода, а ќе имаме можност да примаме и дечиња од други општини – истакна градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, најави нов инвестициски бран во општините, кој ќе се одвива во февруари.
– Проектите како оваа градинка се прават за најмладите, за оние на кои им е потребно да ги поминат своите најрани години во објекти каков што е овој. Тој, според рокот, ќе биде готов за две години, но убеден сум дека ќе биде и порано. Продолжуваме и понатаму, како Влада, преку проектот за децентрализација, од буџетски средства кон општините, да инвестираме на целата територија на Македонија. Веќе се потпишани неколку проекти во Кисела Вода, во оној прв бран. Сега, во февруари, ќе има уште еден, втор бран проекти, кои ќе бидат потпишани, и на тој начин ја заокружуваме инвестициската активност за оваа и за следната 2025 година. Потоа почнуваме да правиме планови за следната 2026 година. Импресионира посветеноста на градоначалниците, чекор што го поздравувам и ги повикувам и понатаму да бидат дел од проектите што ќе ги финансира Владата – изјави Мицкоски.