На повеќе локации во Скопје почнувајќи од денеска, па се до 9 јули ќе биде поставена групна изложба „Скопски урбани приказни – Во 5 и 17”, организирана од Друштвото на ликовни уметници на Македонија, а со цел сеќавање и бележење на два значајни јубилеја, 60 години од скопскиот земјотрес и 2023 – година во чест на Ацо Шопов.

ДЛУМ со оваа изложба влегува во програмата на Скопско лето. На изложбата ќе бидат изложени делата на дваесет и тројца уметници кои се поканети од кураторката Дијана Томиќ-Радевска. Преку класичен, интердисциплинарен и мултимедијален пристап, овие уметници ќе ги прикажуваат своите дела на различни локации во централното градско подрачје на Скопје.

Една од забележливите карактеристики на оваа изложба е вклучувањето на текстот „На пет и седумнаесет“ од реномираниот македонски поет Ацо Шопов. Оваа потресна песна е посветена на земјотресот во Скопје и духот на светската солидарност. Спојот на литературата и ликовната уметност, како и синергијата на сетилата, емоциите и интелектот, ветуваат возбудлива прошетка низ градот преку уметност.

Свеченото отворање ќе биде во 17:17 часот во КИЦ (Културно информативен центар), и изложба во паркот и продажната галерија, на која ќе бидат претставени делата на десет уметници. Патувањето потоа ќе продолжи до Францускиот институт Скопје – изложбена галерија, каде што ќе бидат изложени дела на двајца уметници. Следна локација е приватната галерија ГРАЛ, мала галерија и билборд, каде што се претставени делата на седум уметници. Изложбата ќе продолжи до улицата „На липите“ во Дебар Маало (Буњаковец), каде што ќе биде поставена објектна инсталација од уметник. Финалето на изложбата ќе се одржи во Градската кафеана ,,Пелистер“, каде ќе бидат изложени две уметнички инсталации, а како гости ќе учествуваат соработници од училиштето ДУЦОР „Партенија Зографски“, кои ќе го презентираат текстот на Ацо Шопов „Во 5 и 17“ на македонски знаковен јазик.

Ќе биде доделена награда за најуспешно остварување на оваа изложба која е спонзорирана од галеријата Акантус како партнерска соработка со ДЛУМ.

Изложбата ќе биде достапна за посета во следните денови до 9 јули во работното време на институциите.