И по последните, седми по ред предвремени парламентарни избори, Бугарија сè уште се мачи да избере стабилна влада, а несогласувањата во парламентот стануваат сè поголеми.
Ситуацијата изгледа тензична и политички нестабилна, а како што најави Бојко Борисов, лидерот на партијата ГЕРБ, кој го доби мандатот за формирање влада, можна е коалиција составена од четири партии. Но, тоа повторно не гарантира стабилност, бидејќи, како што укажуваат аналитичарите, може да предизвика нова политичка криза и потреба од нови избори.
Борисов пак, верува дека ГЕРБ може да формира коалициска влада со Демократска Бугарија (СЦЦ-ДБ), Бугарската социјалистичка партија (БСП) и „Има таков народ“. Вели дека е во подготовки да потпише коалициски договор со нив за да се избегне нестабилно мнозинство. Борисов истакна дека само тој, како лидер на ГЕРБ, може да управува со таква влада, а со тоа, како што вели, тој би се жртвувал зашто Бугарија има долг од 18 милијарди евра.
-Таква влада можам да управувам само јас. Да ја заштитам од влијанието на земјите кои ќе се обидат да формираат кабинет од други партии, изјави Борисов на маргините на вчерашната конститутивна седница на парламентот.
Костадин Костадинов, лидер на партијата „Преродба“ изјави дека влада без ГЕРБ, Пеевски и Доган е математички можна, признавајќи дека таквата влада би била нестабилна. Тој тврдеше дека единствената остварлива стабилна владина опција ја вклучува „Преродба“ и предложи: ако ПП навистина сака да ги изолира ГЕРБ и ДПС, ќе треба да даде поддршка.
И додека вчера на конститутивното собрание новоизбраните пратеници ги читаа декларациите на нивните партии за тоа како треба да се формира стабилна влада, пред Собранието се собираше народ. Во најава се протести, кои дополнително ја зголемуваат тензијата на политичката сцена во Бугарија. Вчерашното присуство на значителен број луѓе пред парламентот, покажува големо јавно незадоволство од актуелните политички процеси и од начинот на кој се раководат работите во државата.
Протестите ги коментираше лидерот на „Преродба“, Костадин Костадинов, опишувајќи ги како фарса и срамен спектакл и обвинувајќи одредени политички фигури, како Дељан Пеевски, лидер на МРФ – Нов почеток, за нивно организирање. Во меѓувреме, Ивелин Михаилов, основачот на партијата „Величина“ (Величие), која за малку не успеа да влезе во парламентот, ја изрази својата намера да протестира против легитимноста на новоформираното Народно собрание. Тој вети дека ќе продолжи со напорите за информирање на јавноста за нелегитимноста на парламентот и дека ќе ги повика на одговорност оние пратеници кои го признале. Неговите поддржувачи се собраа пред парламентот за да го изразат своето незадоволство.
А внатре во народното собрание, пратениците имаа два неуспешни обида да изберат претседател. Во таква ситуација со парламентот ќе продолжи да претседава привремениот претседател, а тоа е најстариот член на парламентот, Силви Кирилов од „Има таков народ“, кој има 73 години.
Бугарскиот парламент има 240 пратеници.