Во сајбер напад украдени имињата на сите холандски полицајци

159

Имињата на сите холандски полицајци се украдени во сајбер напад, изјави денеска министерот за правда во Владата на Холандија, Дејвид ван Вел.

Во писмото до Претставничкиот дом на националниот парламент, тој наведува дека началникот на полицијата го информирал дека „податоците поврзани со работата“ на сите полицајци биле украдени во хакерски напад, пренесува Индекс.

Сѐ уште не е јасно кои точно податоци се украдени, но во писмото се наведува дека „приватните и истражните податоци“ не биле засегнати од хакирањето.

Полицијата го истражува инцидентот, за кој е пријавен националниот орган за заштита на податоци, рече Ван Вел, додавајќи дека повеќе детали ќе му бидат доставени на парламентот кога ќе станат достапни.