Американските здравствени власти го потврдија првиот случај на детска парализа по една деценија, откако болеста е дијагностицирана кај возрасно лице во Њујорк.
Тестирањата покажале дека случајот на високо заразниот вирус на детска парализа пријавен во округот Рокланд можеби потекнувал надвор од САД, соопшти Министерството за здравство на сојузната држава Њујорк.
„Сега ги испитуваме семејството и блиските контакти на оваа личност за да ги процениме ризиците за заедницата“, рече на прес-конференција комесарот за здравство во округот Рокланд, нагласувајќи дека пациентот повеќе не е инфективен.
Во соопштението на Министерството се наведува дека лицето било заразено со полиовирус тип 2, што потекнува од орална вакцина против детска парализа која се користи во многу земји, а во САД не се користи од 2000 година.
Инертната вакцина против полиомиелитис што се дава во три дози во САД, обезбедува речиси 100 проценти имунитет.