„Во потрага по совршениот акварел“ е насловена изложбата на дела од ликовниот уметник Лазар Дојчинов, отворена во Музеј-галеријата во Кавадарци.

„Дојчинов твори повеќе од 50 години, во неколку ликовни техники, но вечерва, низ повеќе од 100 дела, ни се претставува со својата најголема љубов и опсесија, акварелот. И насловот на изложбата ни посочува дека авторот е во постојана потрага по нови истражувања, ликовни концепти и форми. Со неверојатна леснотија и спонтаност, со префинето чувство за односот меѓу тоновите, тој ни ги пренесува своите погледи на сликарската уметност“, рече Трајче Цветков, виш кустос во Музејот.

Цветков нагласи дека во делата на Дојчинов се гледа смиреност, стабилност и спокој, но истовремено и борба на емоционалната состојба на духот.

– Избраниот мотив за сликање тој го разигрува, разбранува до одредена таинственост и напнатост. Преку својот карактеристичен потег со четката и слојот на боја, тој ни подарува дела што се студиозни, академски, со лирско-реалистичка компонента. Неговиот пристап е конвенционален третман на акварелната структура, со голема слобода во сликањето и тежина и комплицираност на изведбата. Но, со искуството што го има, Дојчинов го сублимира сето ова во своите дела – подвлече Цветков.

Изложбата со продажен карактер е во рамките на „Кавадаречкото културно лето“, поддржана од локалната самоуправа.