Од септември повторно се воведува трета смена за магнетна резонанца во поликлиниката Чаир и веќе може да се закаже преку електронскиот систем МојТермин.
Од Здравствен дом Скопје информираат дека сите други служби на здравствен дом функционират редовно.
– Продолжува редовната работа на кабинетите за дигитална мамографија во поликлиниките Букурешт и Чаир, како и работата на Итната медицинска помош. Во изминатиот период во континуитет се одвиваа прегледите во скопските поликлиники, а постојано работеа и дополнителните дежурни служби. Сега главната новина се однесува на повторното воведување трета смена за магнетна резонанца во поликлиниката Чаир – се вели во соопштението.
Апаратот за магнетна резонанца и апаратот за мамографија се нови современи дигитални апарати со кои се прават навистина квалитетни прегледи. На месечно ниво, магнетна резонанца прават околу 250 пациенти.
Побарувањата за ваквите прегледи се големи, а не станува збор само за пациенти од Скопје, туку и за, околу 30 проценти, пациенти од останатите градови во државата. Затоа, како што истакнува Исјановски уште лани е донесена одлука за воведување трета смена, со цел да се намали и чекањето за ваквите прегледи.
Од институцијата информираат дека новина е и воведувањето дигитални апарати за снимање скелет графии, кои се пософистицирани и со сосем мала доза на зрачење во поликлиниките во Чаир, Јане Сандански и во Ѓорче Петров.