ВО НП ШАР ПЛАНИНА: Секој викенд ќе има санитарен отстрел на диви свињи за спречување на африканска чума

95

Од оваа недела па се до крајот на јануари 2024 година секој викенд ќе има санитарен отстрел на диви свињи со цел спречување на ширење на болеста африканската чума на територија на Националниот парк Шар Планина, информираа од оваа јавна установа.

Одлуката се образложува со тоа што африканската чума кај дивите свињи претставува ризик по здравјето и безбедноста на луѓето, а истовремено и потенцијален ризик за губење на популацијата на дивата свиња во Националниот Парк Шар Планина.

– За таа цел управата на Националниот парк донесе одлука за спроведување заштитни и контролни мерки. Ги информираме љубителите на природата дека во временски период од шест до 14 часот, секоја недела од 12 ноември оваа година до 31 јануари 2024 година, со исклучок на 31 декември, ќе се спроведува засилен и санитарен отстрел во соработка со: здружение Ловечко друштво „Кучи Баба“;  здружение Ловечко друштво „Шќипоња е шарит“;  Ловечко друштво „Шар Планина“ – Тетово и Ловечко друштво „Љуботен“ – Вратница – се наведува во соопштението.

Од Националниот парк апелираат да секој посетител на Шар Планина избегнува движење областите каде што ќе се врши отстрел.