Во ноември одевме на море, во април на скијање!

46

Иако зимата календарски одамна замина, вчера на Попова Шапка и Маврово имаше нови врнежи од снег. Снежната покривка, според фотографиите што објавени на социјалните мрежи беше околу 10-15 сантиметри.

Инаку, низ целата држава имаше обилни врнежи од дожд, особено на патните правци во поширокиот дебарски регион каде предизвикаа чести одрони на патните правци.

Снегот ги израдува љубителите на скијањето кои задоволни од висината на снежната покривка, коментираа на социјалните мрежи: „Да ја вадиме ли опремата?, „Пролетна сезона на скијање, да го одржиме Шар купот на 1 мај“.

– Ненормална работа, во ноември одевме на море, во април на скијање – вели Силва Јовановска.

Поради одроните, но и влажните коловози од дебарската секција на Јавното претпријатие за одржување магистрални и регионални патишта препорачуваат многу внимателно возење.

Вообичаено најчести се одроните кај селата Рајчица, Косоврасти и Јанче, месноста Ростушки мост, потоа во близина на Бигорски манастир и месноста Сенечки ливади, на патниот правец Дебар – Маврово, како и кај месноста Три чешми, на патот кон Струга, и месноста Кокошкина Краста на патот Мелнички Мост-Центар Жупа.

Под надлежност на оваа секција се делниците Дебар – Жировница (патен правец Дебар – Маврово), Дебар – Глобочица (патен правец Дебар – Струга), патот кон граничниот премин „Блато“, потоа кракот Бошков Мост кон селата на Мала Река, како и патот Мелнички Мост – Центар Жупа или над 110 километри.