Деведесет и шестгодишната дојранчанка Добрила Ивановска-Чабриќ има нова песна – „Јас сè уште не сум рекла сè“, напишана од Цеца Миловановиќ-Сјеколца и во која, во три минути, се опишува бурниот живот на Добрила, победничка на балканското ТВ-шоу „Никад није касно“ (Никогаш не е доцна). Доби, како што нагалено ја нарекуваат најблиските, не престанува да ги изненадува своите обожаватели, а и сите други, со што го оправдува епитетот „најраспеана бабичка на македонската естрада“.
Оваа наша „челична музичка дама“ од брегот на Дојранското Езеро е дама со најмлад дух, бабичка змеј, која со својот начин на живот и во десеттата деценија докажува дека го живее животот со полни гради. Патува, гостува во ТВ-емисии не само во Македонија туку и во Белград, Ниш, Подгорица, Сараево, Будва, Бања Лука…. а кога е топло лето, ги поминува ноќите со своите пријатели на дојранскиот воздух, исполнет со здрав јод поради близината на Егејското Море, каде што често заминува да се прошета и да му се радува на секој нов ден.
Деновиве, Добрила се врати во Дојран дури и освежена, од големиот број новогодишни ТВ-снимања во Србија и во Црна Гора. Таму беше специјална гостинка. За читателите на ВЕЧЕР, во овие празнични новогодишни денови, таа со голема радост раскажува интересни случки.
– Добрила, со тоа „никогаш не е доцна“, според името на шоуто, ти ги обележа овие години од својот живот.
Така е, таа победа во ова музичко шоу, за мене, беше едно големо враќање на музичката сцена. За многу ситуации во животот често велиме дека никогаш не е доцна. Ама треба да биде искрено кажано тоа. Кај мене е искрено. Го кажуваме тоа често како изрека, можеби и како изговор за она што сме сакале да го направиме во животот, а не сме го направиле. Мојот пример потврдува дека годините, за секој од нас, треба да бидат само број и ништо повеќе. Нема пречка да ги оствариме своите соништа доколку навистина го посакуваме тоа. Ни едно сценарио, колку и да е добро напишано, не може да се спореди со сценариото што го напиша мојот живот.
Јас поминав долг пат: од театарска актерка во 1946 година во Скопје и во Белград, преку пејачка во популарното „Дуо Нанос“ во седумдесеттите години. Имав многубројни гостувања на сцените низ целиот свет, па сè до ТВ-шоуто „Никогаш не е доцна“. Не ми беше лесно во животот. Имав и лични трагедии, но тоа не е причина да бидам тажна личност. Никој од нас не може да ги врати своите најсакани кои се починати. Останува да живееме само со спомените на нив. Ведрината, насмевката и позитивната мисла се смислата на мојот живот.
–
– Со какви впечатоци се враќаш од Србија и од Црна Гора?
Прекрасно се чувствував кога видов колку ме сакаат и колку ја знаат мојата нова песна. И во двете братски земји. Престојував во Црна Гора, во Подгорица, два дена, на повик од мојата добра пријателка, Сека Мартиновиќ, со која се запознав пред 50 години, во Белград. Таа е водителка на една прекрасна ТВ-емисија со прекрасен наслов – „Прегрни го животот“, која се емитува на тамошната телевизија „Адрија“. На 22 декември, одеше емисијата во живо, се изнамуабетивме за сè и сешто и на крајот во живо ја отпеав мојата нова песна – „Јас сè уште не сум рекла сè“. Исто така, бев гостинка во гледаната утринска програма на црногорската национална телевизија.
Во Белград бев на снимање на новогодишното издание на шоуто „Никогаш не е доцна“, кое се емитуваше кај нас на телевизија „Сител“, а ќе има и реприза.
Воедно, му бев и голема поддршка на нашиот натпреварувач Никола Катичиќ. Речиси 50 години Никола ми е пријател и на мое инсистирање, се пријави во ова мегапопуларно шоу. Во дует ја пеевме убавата македонска народна „Пилето ми пее рано на сабајле“, за која Србите и самиот Жика ми кажаа дека поодамна немаат слушнато така добра песна од Македонија.
– Каква ти беше 2024 година и каде ќе бидеш за самата новогодишна ноќ?
Годината ми беше исполнета со многу убави работи. Излезе мојата автобиографска книга „На патот кон стотката“, победив на интернационалниот фестивал во Варна, Бугарија, со новата песна „Сè уште не сум кажала сè“ и имав снимања за повеќе телевизиски станици. Малите ѓаволчиња во мене не мируваат, се подготвува сценарио за монодрама инспирирана од мојот живот. Премиерата ќе биде во Македонскиот народен театар во Скопје. Веќе планирам да ја играм оваа монодрама и на српски јазик, во Србија.
– Инаку, за самата луда ноќ ќе бидам во Скопје. Планирам, заедно со моите колешки пејачки Блага Петреска и Барбара Јаколевска, да ја пречекам Нова година во еден добар ресторан. Ем работно ем со пријателите. Се надевам дека 2025 година ќе биде поубава, посреќна. На сите читатели на ВЕЧЕР, во духот на претстојните новогодишни и божиќни празници, сакам да им ја честитам новата 2025 година. А, под елката, и за мене, но и за сите нив, ќе си посакам во многу здравје, љубов, среќа и многу повеќе радосни моменти. Да го прегрнеме силно животот, затоа што тој е еден и единствен, нема реприза! Има една убава мисла, која вели дека секој ден кога искрено ќе прегрнеме некого, добиваме уште еден ден од животот плус. Сите ве гушка вашата Добрила!
Љубчо Алексовски / фото:приватна архива