Во недостиг на поамбициозна агенда за проширување, ЕУ ни нуди пари!

Лидерите од регионот на самитот во Тирана се согласија да ја забрзаат регионалната соработка за да имаат повеќе корист од Планот за раст, со кој ЕУ ќе помогне да се обезбеди побрз пат до членството. Еврокомесарот за добрососедска политика и проширување, Оливер Вархеји, рече дека земјите од регионот на Западен Балкан ќе добијат помош од шест милијарди евра, доколку ги спроведат неопходните европски реформи, но по 2027 година ако не ги исполнат препораките ќе биде тешко да продолжи помошта. Албанскиот премиер Еди Рама предупреди дека земјите од регионот или ќе се движат заедно напред или заедно ќе пропаднат. Поранешната директорка на Институтот за европска политика (ЕПИ) и експерт за ЕУ, Малинка Ристевска-Јорданова, во изјава за весникот ВЕЧЕР вели дека во недостаток на поамбициозна агенда за проширување на Западниот Балкан, прашање е колку ваквиот ограничен и фрагментиран пристап ќе доведе до саканите цели – интеграција во ЕУ и реформи. Според неа, наместо бараниот целосен пристап или највисоко можно ниво на пристап до Единствениот пазар на ЕУ, Планот понуди фрагментиран и прилично ограничен пристап до некои делови од пазарот на ЕУ.  -Ветените шест милијарди за три години за регионот, од кои 2 милијарди грантови и 4 милијарди кредити, не се сè уште одобрени и не е извесно дали тоа ќе се случи до изборите во ЕУ во јуни, предупредува Ристевска-Јорданова

65

Додека граѓаните се фрустрирани од бавното темпо на процесот на приклучување кон европското семејство, европските и лидерите на земјите од Западен Балкан се обидуваат да го ублажат револтот и да покажат дека сепак, местото на овој регион е во Европа. На самитот ЕУ-Западен Балкан во четвртокот, во Тирана, лидерите од регионот се согласија да ја забрзаат регионалната соработка за да имаат повеќе корист од Планот за раст, со кој ЕУ ќе помогне да се обезбеди побрз пат до членството. Еврокомесарот за добрососедска политика и проширување, Оливер Вархеји, предупреди дека земјите од регионот на Западен Балкан ќе добијат помош од шест милијарди евра, доколку ги спроведат неопходните европски реформи, но по 2027 година ако не ги исполнат препораките ќе биде тешко да продолжи помошта. На завршната прес-конференција на самитот на лидерите на шесте земји од Западен Балкан, Вархеји рече дека времето на чекање за влез во ЕУ заврши. Тој истакна дека со планот, економиите на земјите од регионот би можеле да се удвојат во следните десет години.

 -Но, потребно ни е и регионот да се движи напред, брзо. Тоа значи, да се испорача на ЕУ реформите кои се потребни за овој план да биде функционален. Овој план е функционален ако примените ЕУ правила, ако брзо ги спроведете сите ЕУ правила бидејќи тогаш ќе влезете на Европскиот пазар и пред да станете членки на ЕУ. Неопходно е учество на регионалниот пазар, каде што земјите би можеле да се натпреваруваат. После тоа ќе биде тешко да се тврди дека ЕУ не е подготвена да прими нови членки. Ако сакате да ве третираат како дел од ЕУ, тогаш треба да ги третирате земјите од регионот како такви, изјави еврокомесарот Вархеји и додаде дека очекува земјите од регионот наскоро да се договорат за бесплатен интернет на јавни места.

Ограничена понуда

Поранешната директорка на Институтот за европска политика (ЕПИ) и експерт за ЕУ, Малинка Ристевска-Јорданова, во изјава за весникот ВЕЧЕР вели дека Планот за раст за Западниот Балкан промовиран минатиот ноември со годишните извештаи на Европската комисија постепено стана главна тема на интеграцискиот процес на регионот. Дури два самита и две заеднички изјави последниве два месеци – во Скопје и во Тирана – се посветени на него. Таа смета дека во недостаток на поамбициозна агенда за проширување на Западниот Балкан, прашање е колку ваквиот ограничен и фрагментиран пристап ќе доведе до саканите цели – интеграција во ЕУ и реформи. Според неа, наместо бараниот целосен пристап или највисоко можно ниво на пристап до Единствениот пазар на ЕУ, Планот понуди фрагментиран и прилично ограничен пристап до некои делови од пазарот на ЕУ.

Малинка Ристевска-Јорданова, експерт за ЕУ

-Најпрвин, да подвлечеме дека Регулативата со која се одобрува Планот односно неговиот финансиски дел е сè уште во постапка на донесување. Значи, ветените шест милијарди за три години за регионот, од кои 2 милијарди грантови и 4 милијарди кредити, не се сè уште одобрени и не е извесно дали тоа ќе се случи до изборите во ЕУ во јуни. Затоа неколку држави членки, деновиве со писмо ургирале до европските институции да ја забрзаат постапката – Италија, Чешка, Хрватска, Словачка, Грција, Словенија и Австрија. Претставниците од регионот, пак, се чини дека се во улога на „добри исполнители“, па во заедничките изјави ја потврдуваат својата геополитичка ориентација, посветеност на реформите, вклучувајќи ја подготовка на новите реформски агенди, и исполнување на обврските од регионалната соработка. Она што се најавува на зачестените самити е подготовка на нови планови и патокази во оние области кои се набележани во Планот за раст како области во кои ќе има „унапредена економска интеграција со ЕУ“. Или, како што изрично се вели во последната Заедничка изјава „разговараме за конкретни иницијативи во поединечни области и идентификуваме клучни дејства кои треба се преземат“. Напоменуваме дека наместо бараниот целосен пристап или највисоко можно ниво на пристап до Единствениот пазар на ЕУ, Планот понуди фрагментиран и прилично ограничен пристап до некои делови од пазарот на ЕУ. Досега, пак, се третираат одделни делови и од оваа ограничена понуда – како што се Единствената европска платежна област (СЕПА) или „Зелените коридори“, вели Ристевска-Јорданова.

Шесте земји од регионот – Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија, Босна и Херцеговина и Косово се во различни фази од нивните барања за членство, но државите кои веќе се во клубот тешко дозволуваат значајно придвижување кон Брисел на било која земја кандидат, откако Хрватска беше последната земја која го проби обрачот и влезе во Унијата во 2013 година.

Заедно напред или заедно во пропаст

Албанскиот премиер Еди Рама истакна дека ЕУ е поподготвена земјите од регионот да бидат дел од неа, да соработуваат и да ја напуштат „старата балканска политика“. Рама рече дека во изминатите 10 години е „направено многу за да се приближат западнобалканските земји кон ЕУ“. Рама предупреди дека земјите од регионот или ќе се движат заедно напред или заедно ќе пропаднат.

-Со новиот план за раст кој е во игра, императивот е многу јасен. Или колективно ќе ги преземеме потребните чекори за да се приближиме кон ЕУ и едни кон други или ризикуваме да не успееме да обезбедиме место на масата на ЕУ. Или ќе склопиме мир за да работиме на нашиот просперитет или нашиот недостаток на просперитет ќе не направи да го загубиме мирот. Вака работи ЕУ, вака треба да работи и Западен Балкан, изјави Рама.

По завршувањето на Самитот во Тирана, лидерите од регионот усвоија заедничка изјава на Конференцијата на високо ниво „Раст и конвергенција на Западен Балкан”. Лидерите од Западен Балкан, во Изјавата се обврзаа да започнат структуриран дијалог, заедно со Европската комисија и земјите членки на ЕУ, со цел спроведување на Планот за раст, на начин којшто ќе донесе поединечна полза и може да го поттикне регионалниот просперитет и социоекономското приближување кон ЕУ. Во Изјавата е оценето дека, Планот за раст за Западен Балкан претставува одлична можност за унапредување на интеграцијата на регионот на Единствениот пазар, како и во механизмите и инструментите на ЕУ, додека се забрзуваат реформите во стратешките и суштински области, вклучително и оние поврзани со владеењето на правото и основните права.

800 милиони евра за Македонија?

Откако Фон дер Лајен го презентираше Планот, македонските власти во неколку наврати истакнуваа дека земјава ќе ги вложи сите напори, во координација со Европската комисија, да ја одработи на потребното ниво и во најкраток можен рок својата домашната задача од обврските поврзани со Планот за раст на Западниот Балкан, со цел со спроведувањето на реформите граѓаните и бизнисот што побрзо да ги почувствуваат бенефитите од него.

По првата подготвителна средба во Брисел со претставниците на ЕК за утврдување на основните елементи на реформската агенда, министерот за финансии Фатмир Бесими порача дека покрај евроинтеграцијата како врвен приоритет на Владата, со Планот се дава поголем фокус на приоритетните реформи и на поддршката од ЕУ за нивно спроведување. Бесими очекува Македонија да добие 800-900 милиони евра од шесте милијарди од Планот за раст што го презентираше претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

Во самиот план за раст клучни се четири столбови, односно области, и тоа делот на интеграција во единствениот пазар на ЕУ, регионалната соработка, фундаменталните реформи и начинот на финансирање. (В.С.Н.)