Во Народната банка се одржа 52. сесија на Клубот на истражувачите, платформа на Народната банка за презентација и разгледување научноистражувачки трудови и поддршка на научноистражувачката дејност во земјава.
На оваа сесија учесниците имаа можност да ја проследат презентацијата на трудот: „Дали платите го одразуваат растот на продуктивноста? – Споредба меѓу европскиот исток и запад“, од авторите Б. Треновски, Д. Глигорич, К. Кожески и Ѓ. Мерџан.
Сесијата ја отвори вицегувернерката Ана Митреска, која истакна дека Клубот на истражувачите како платформа за презентација и разгледување научноистражувачки трудови, придонесува кон поттикнување на истражувачката активност и подигнување на квалитетот на макроекономските истражувања во земјата.
Секој од трудовите обработува актуелни теми, што се одликуваат со оригиналност и опфаќаат области коишто се исклучително важни, со што се придонесува за збогатување на научноистражувачката литература и се отвора простор за натамошни истражувања.
Во трудот „Дали платите го одразуваат растот на продуктивноста? − Споредба меѓу европскиот исток и запад“, се заклучува дека во повеќето земји од истокот на Европа, просечниот раст на компензацијата на работниците го надминува просечниот раст на продуктивноста на трудот, додека кај повеќето од западните земји ситуацијата е обратна, односно продуктивноста на трудот расте побрзо од компензацијата на работниците. Сепак, во трудот се посочува дека само кај еден дел од западните земји постои позитивна и статистички значајна врска помеѓу зголемувањето на продуктивноста и компензацијата, односно зголемената компензација придонесува за поголема продуктивност на трудот. Кај земјите од источна Европа, постои слаба и недоволна поврзаност помеѓу продуктивноста на трудот и компензацијата на работниците, односно порастот на платите не се одразува со подобрена продуктивност на трудот. Авторите заклучуваат дека е потребна поголема посветеност на факторите што ја зголемуваат продуктивноста на работниците (образование, вештини, здравје), за да се избегне негативното влијание на зголемувањето на компензацијата врз економската конкурентност.