Во МСУ „Војна на сетилата/војна врз сетилата“ – меѓу естетиката и насилството; Изложба со интернационални и со македонски автори

12

„Војна на сетилата/Војна врз сетилата“ е насловот на меѓународната изложба што ќе биде отворена на 5 декември во 20:00 часот, во Музејот на современа уметност – Скопје.

Во поставката, со која ќе се заокружи годишната програма на Музејот, ќе бидат изложени дела на интернационални и на македонски автори: Лоренс Абу Хамдан, „Бејрут урбан лаб“, Центарот за просторни технологии, „Форензичка архитектура“, Кумјана Новакова, во соработка со Метју Фулер ќе се претстават и Мацуко Јокоџи и Грахам Харвуд од колективот „Јо-Ха“.

Куратори на изложбата се Метју Фулер и Тихомир Топузовски. Изложбата ќе биде проследена и со предавање на ко-кураторот Фулер, на 6 декември со почеток во 15:30 часот.

Изложбата се фокусира на релациите меѓу современите дигитални технологии и продукцијата, дистрибуцијата, интерпретацијата и користењето слики, како евиденција за војните денес и наедно ја степенува важноста на истражувањето и на поврзаноста меѓу естетиката и насилството. Изложбата прикажува шест проекти, кои ги истражуваат и ги анализираат овие состојби. Секое поединечно дело влијае на разбирањето на одредени случаи во подрачјата со воени конфликти, воедно приложувајќи евиденција, a делата претставуваат и повик за праведност.

– Војната е сеприсутна денес. Како да го сфатиме тоа? Војната зазема сè повеќе простор, посредувана преку технологиите, кои влијаат врз нашите сетила, како и врз нашето дејствување. Покрај уништувањето што го предизвикува војната, дејствува и преку сферата на сетилноста и врз сетилата. Пред сѐ, преку технологиите што ги посредуваат начините на кои го искусуваме, спознаваме, интерпретираме, класифицираме и опстојуваме во светот. Гледајќи ги како енормна количина податоци, кои циркулираат онлајн со значителна брзина, конфликтите ги трансформираат чувствата и искуствата; особено преку она што се подразбира како информатичка војна, кампања на дезинформации, како и автоматизираноста на самото војување денес. Развојот на технологијата ги прераспределува приказите на кризите и на воените конфликти, претставувајќи место на одвивање на војната, како и дел од секојдневните вести – велат кураторите.

Оттаму, „Војна на сетилата/Војна врз сетилата“ ja воочува естетиката како основна на феноменот на војната.

Лоренс Абу Хамдан е независен истражувач во полето на звукот. Неговите истражувања се сосредоточени на звукот и на говорот, користејќи ги како докази во Трибуналот за азил и имиграција во Велика Британија. Исто така, неговите дела се застапувани од организации како што се „Amnesty International“ и „Defence for Children International“. Абу Хамдан има докторирано во 2017 година, на Универзитетот „Голдсмит“ во Лондон и е добитник на наградата „Тарнер“ во 2019 година, заедно со неколкумина уметници.

„Бејрут урбан лаб“ е интердисциплинарна група со седиште во Американскиот универзитет во Бејрут. Оваа група се занимава со истражувања што се однесуваат на урбанизацијата, со цел документирање и разбирање на процесите на трансформациите во Бејрут, Либан и во поширокиот регион. Посветена на визуелните пристапи и методологии, „Бејрут урбан лаб“ има создадено географски бази податоци, интерактивни платформи и повеќекратни мапирања на урбани системи во текот на изминатите години, со крајна цел замислување алтернативни модели на просторно закрепнување и обновување.

„Центарот за просторни технологии“ е интердисциплинарен истражувачки колектив од Киев, специјализиран во правењето просторни анализи, визуализирања и моделирања. Неговите практики вклучуваат документирање и анализирање на бројни случаи на насилства во Украина денес.

Колективот „Форензичка архитектура“ е истражувачка група со седиште во Лондон, основана во 2010 година. Преку користењето архитектонски модели, уметнички цртежи и анимации, тој воспоставува нови форми на истражување, поврзани со човековите права. Неговата работа е користена како доказен материјал во меѓународните судови и, исто така, е преставена во најреномираните уметнички институции низ светот.

Кумјана Новакова е филмска режисерка и куратор и предава аудиовизуелни методологии. Таа е еден од основачите и главен куратор на „Право-људски фестивал“. Преку својата работа, ги истражува темите поврзани со моќта, војната, сеќавањата и со отпорот. Новакова живее помеѓу Сараево и Скопје.

„Јо-Ха (Мацуко Јокоџи и Грахам Харвуд)“ е уметнички колектив од Англија. Првенствено работи на начините преку кои технологиите на базите на податоци создаваат различни видови општествени услови. За овој проект, „Јо-Ха“ соработува со Метју Фулер, ко-куратор на оваа изложба. Фулер е професор по културни студии на Универзитетот „Голдсмитс“ во Лондон. Како теоретичар на културата, неговата истражувачка работа е во сферата на уметноста, науката, политиката и на естетиката.

Графичкиот дизајн за изложбата е на Денис Сарагиновски, а изложбениот дизајн го подготви Јован Ивановски.