На големата сцена во Македонскиот народен театар, на 24 декември, со почеток во 20:00 часот, ќе се одигра премиерната изведба на претставата „Бог на колежот“, по мотивите на „Бог на масакрот“ (God of Carnage) на Јасмина Реза, а во адаптација и режија на Весна Петрушевска.
Ова е седми проект на Македонскиот народен театар во оваа сезона. Во претставата играат: Ѓорѓи Јолевски, Дарја Ризова, Симеон Мони Дамевски, Наталија Теодосиевa, како и децата од актерската школа на Весна Петрушевска.
Преводот на текстот е на Рајна Кошка-Хот, како сценограф се потпишува Татјана Христоска, костимограф е Наталија Терзија, а сценските движења се на Кренаре Невзати-Кери. Изборот на музиката е на Весна Петрушевска, а автор на песната „Пепел и мрак” е Игор Џамбазов.
– Оваа копродукциска претстава нуди можност да се погледнеме кои сме макар на 90 минути, во време кога е публиката учесник во арената – посочуваат од МНТ.
Првата реприза е закажана за 25 декември.