На летната кино сцена „Мирно лето“, во добро познатиот манир, Кинотеката на Македонија месецов нуди релаксација, а истовремено и интелектуален стимул со филмски остварувања од нашата национална кинематографија, со постар, но и со понов датум на реализација. Публиката ќе може да ги види „Волчја ноќ“,„Црно семе“, „Најдолгиот пат“, „Исцелител“, „Бал-кан-кан“, „Скопје ремикс“, како и филмските материјали кои се однесуваат на земјотресот што го зафати нашиот главен град во 1963-та

Македонски филмови прикажани на летната сцена „Мирно лето“ ќе ја означат јулската програма на Кинотеката на Македонија. „Легендарните ‘Леб и сол’ имаат композиција која никако не се заборава. Станува збор за вечната хит нумера од нивната дискографија ‘Скопје’. Скопје има микро клима – изгор лето, кочан зима. Стихот изгор и тоа како го чувствуваме. Токму затоа на летната кино сцена ‘Мирно лето’, во добро познатиот манир, Кинотеката на Македонија месецов нуди релаксација, а истовремено и интелектуален стимул со остварувања од нашата национална кинематографија, со постар, но и со понов датум на реализација“, посочуваат од Кинотеката.

Програмата стартува на 5 јули, со вториот македонски игран филм „Волчја ноќ“ (1955), во режија на Франце Штиглиц, а според сценарио на македонскиот писател Славко Јаневски. „Волчја ноќ“ е многу повеќе од воен филм. Тоа е длабока психолошка драма која ги истражува границите на човечката издржливост и моралност, а улогите во филмот ги толкуваат: Трајко Чоревски, Илија Џувалековски, Драгомир Фелба, Драги Крстевски, Петре Прличко. Еден од најсилните аспекти на „Волчја ноќ“ е сценариото на Славко Јаневски кој е добитник на „Златна арена“ во Пула. Јаневски, познат по својата литературна умешност и длабоко разбирање на човечката психологија, создава богата и комплексна приказна која истовремено е универзална и специфична.

Следува (на 6 јули) еден од најважните македонски играни филмови „Црно семе“ (1971) во режија на Кирил Ценевски, кој сценариото го сработил со авторот Ташко Георгиевски. Првиот филм на Ценевски не само што ги освои најбитните награди на фестивалите во тогашна Југославија, туку е и прв македонски игран филм кој учествувал и бил наградуван на интернационални филмски фестивали. Улогите ги толкуваат: Ацо Јовановски, Дарко Дамевски, Мите Грозданов, Павле Вуисиќ, Ристо Шишков, Воја Мириќ, а дејството се случува за време на Граѓанската војна во Грција, 1946, каде се прикажува судбината на група Македонци, затвореници на еден пуст остров.

„Ќе се прикаже и филмот ‘Жед’ (9 јули), на нашиот филмски и театарски режисер, Димитрие Османли. Тоа е втор долгометражен игран филм во продукција на Филмско студио – Скопје и на дистрибутерската куќа ‘Македонија филм’. Еден од најугледните филмски критичари во светот, Роналд Холовеј, во специјалното издание на Кинотеката на Македонија на англиски јазик ‘Kino – Macedonian film’, за ‘Жед’ оценува дека се работи за ‘пофален одговор’ на македонската кинематографија на интернационалниот успех на југословенскиот ‘црн бран’“, велат од Кинотеката. Играниот филм од 1971, е направен по сценарио на Живко Чинго, а улогите ги толкуваат Неда Спасоевиќ, Сабина Ајрула-Тозија, Јадвига Митревска, Снежана Стамеска, Ацо Јовановски, Павле Вуисиќ, Драги Костовски, Дарко Дамески, Коле Ангеловски. Враќањето на остарениот печалбар Трендафил, претставува своевиден настан за животот на едно село во пасивен македонски крај каде што жителите својата егзистенција ја остваруваат со одење на печалба…

На 10 јули, пак, ќе има проекција на играниот филм „Најдолгиот пат“ (1976) во режија на Бранко Гапо, а по сценарио на Петре М. Андреевски. „Најдолгиот пат“ е четвртиот игран филм на Гапо, кој е заснован врз вистински настани од почетокот на 20 век, објавени во зборникот на Петре М. Андреевски „Темни кажувања“. Тој е значаен не само како историска драма, туку и како длабока човечка приказна за борбата, надежта и издржливоста. Гапо успева да создаде филм, кој е и интимен и епски, прикажувајќи ги предизвиците и храброста на македонските револуционери на начин кој е истовремено и универзален и специфичен за македонското искуство. Улогите во филмот, добитник на повеќе награди, ги толкуваат: Ристо Шишков, Данчо Чевревски, Дарко Дамески, Душан Јаниќиевиќ, Мето Јовановски.

Во рамките на месечната понуда во втората половина на јули ќе се прикажат и квалитетните современи остварувања како „Ругање со Христа“, „Домаќинство за почетници“, потоа фестивалскиот миленик „Исцелител“, хитот на кино благајните „Бал-кан-кан“, како и култниот постмодерен омнибус „Скопје ремикс“.

На 18 јули, публиката ќе има можност да го види играниот филм „Ругање со Христа“ од 2018, по сценарио и режија на Јани Бојаџи, каде улогите ги толкуваат  Љупчо Тодоровски-Упа, Јоана Пилиху, Мето Јовановски, Јоана Поповска, Младен Крстевски. Филмот го прикажува Александар, новинар во француски политички весник, кој се враќа во неговото родно место Нивици, во преспанскиот дел на Егејска Македонија, со цел да дознае кој бил неговиот татко Лазар, кој долго време живеел во Македонија како политички емигрант. Следува (на 19 и 20 јули) –„Домаќинство за почетници“ филмската приказна на режисерот Горан Столевски од 2023, која се занимава со универзалните вредности на семејството. Улогите се на Анамариа Маринка, Алина Сербан, Самсон Селим, Владимир Тинтор, Миа Мустафа, Џада Селим, Сара Климоска, Розафа Целај, Ајше Усеини.

На 23 јули, пак, публиката може да го погледне македонски филм во италијанска копродукција „Бал-кан-кан“ од 2005, во режија и по сценарио на Дарко Митревски. Филмот го следи македонскиот воен дезертер кој ја бара мртвата баба завиткана во украден тепих, насекаде низ балканското криминално подземје. Оваа необична мисија го води низ различни земји и култури, додека се соочува со разни комични и трагични ситуации. Улогите ги толкуваат: Владо Јовановски, Адолфо Марџота, Ѕвездана Ангеловска, Бранко Ѓуриќ, Тони Михајловски, Никола Којо.

Следува (24 јули) – играниот „Исцелител“ од 2017, на режисерот Ѓорче Ставрески, кој е истовремено и сценарист и продуцент на филмот, а и монтажер на звукот. Во филмот, што балансира меѓу семејна драма, црна комедија и социјален коментар, а улогите ги толкуваат Благој Веселинов, Анастас Тановски, Аксел Мехмет.

На 25 јули, пак, ќе има проекција на „Скопје Ремикс“ амбициозен и иновативен филм од 2012, создаден од колектив на македонски режисери. Филмот се состои од десет кратки приказни кои се фокусираат на различни аспекти на животот во Скопје. Улогите ги толкуваат Оливер Митковкси, Камка Тоциновски, Милан Тоциновски, Ана Стојановска, Јулија Милкова, Софија Куновска, Дејан Лилиќ.

На репертоарската понуда во јули е и прикажувањето на филмските материјали кои се однесуваат на земјотресот што го зафати нашиот главен град во 1963. Притоа, на 26 јули скопјани ќе можат да ги видат кратките македонски филмови „Школите и универзитетот во скопската катастрофа“, „Писмо од Скопје“, „Проштевање“, „Скопје, 26.7.1963“ и „Катастрофа, страдања, надежи“.

На 27 јули ќе има промоција на „Македониум: Драматургија на недовршеното“ (2022), колаборативен филм на режисерката Теона Стругар Митевска и уметниците Христина Иваноска и Јане Чаловски, работен врз основа на истоимената книгата на Иваноска и Чаловски, која се фокусира на приказната за „Македониум“, најистакнатиот меморијален комплекс изграден во социјалистичка Македонија.

Јулската програма на Кинотеката на 30 и 31 јули се заокружува со „Медена ноќ“ од 2015, по сценарио и режија на Иво Трајков, во кој улогите ги толкуваат Никола Ристановски и Верица Недеска. Приказната ги прикажува Никола, заменик-министер, и неговата сопруга Ана, нивната брачна криза, како и професионалниот живот и искушенијата на Никола, инволвиран во политички скандал во раните 1990-ти години во Скопје. „Токму оваа месечна понуда на Кинотека покажува дека нашата кинематографија и тоа како има значајни дела, наслови кои предизвикуваат своевиден земјотрес, на емоции и на впечатоци. Пред сè, тие претставуваат извор на инспирација за помладите, а благопријатен флешбек за постарите кино-проследувачи“, истакнуваат од Кинотеката. Проекциите за сите филмови започнуваат од 20:30 часот. (Н.И.Т.)