Од 23 до 27 октомври во Македонија ќе гостува современиот руски писател Владислав Отрошенко заради промоција на македонското издание на неговиот роман „Додаток за фотоалбум“, што неодамна го публикуваше „Македоника литера“. Со присуство и учество на авторот, промоцијата на романот ќе се одржи на 24 октомври (19,19 часот), во Салонот 19,19 при Културно-информативниот центар во Скопје, а на 25 октомври (во 19 часот) во Културниот и информативен центар во Битола (Офицерски дом). Промотор ќе биде Венко Андоновски, кој е автор и на поговорот во романот.
Романот претставува фасцинантна приказна за една куќа во која живее семејството на чичковците родени со бакенбарди, раскажана со суптилен хумор, со двосмисленост и со виртуозно преплетување на фантазмагоријата, митот и реалноста, па затоа и е наречена „најфантазмагоричната семејна хроника напишана на руски јазик“. Италијанската славистка Надија Каприољо вели дека „големата куќа“ прикажана во романот со неистражени сали, со непробојни простории и ходници е „архетипот на фантастичната Русија, која никогаш не се променила од времето на Гогољ“. Венко Андоновски во поговорот на романот пишува: „Отрошенко со овој роман, во стил на голем автор, ни ги открива можностите за меѓусебно читање на два различни медиуми: фотографијата и онаа вербализирана стварност што ја викаме – роман. Во прашање е една суптилна расправа за еден интермедијален однос (збор-слика) која се води невидливо секаде каде авторот се занимава со коментирање на некоја од малубројните фотографии што му останале како единствен материјал за романот“.
Владислав Олегович Отрошенко (1959, Новочеркаск, Руска Федерација) е член на меѓународниот ПЕН-центар и на Сојузот на руските писатели. Член е на жирито за книжевна награда „Јасна Полјана“. Неговите дела се преведени на 14 јазици. Попознати книги му се: „Личност без кредибилитет“ (2000, 2005, 2010), „Тајната историја на создавањето“ (2005), „Води ме, слепецу“, истражувачки роман за судбината и кривичниот случај на Сухово-Кобилин (2007), „Додаток за фотоалбум“ (2007), „Случај на инженерскиот град“, избор (2008), „Дворот на прадедо Гриша“ (2010), „Гоголијана и други раскази“ (2013), „Гоголијана. Писателот и просторот“ (2016), „Предградијата на Вавилон“ (2022). Добитник е на повеќе национални награди во Русија.