Во Македонија се реализира меѓународен проект за дендрохронолошка анализа на културното наследство, во партнерство со Универзитетите во Берн, Оксфорд и Солун.„Придобивките од овој проект ќе бидат далекосежни за Македонија бидејќи некои од методите за првпат се применуваат во нашата археологија и ќе дадат сосема ново видување на предисторијата. Тука особен примат има дендрохронологијата, односно методот кој овозможува датирање на локалитети преку анализа на дрвените остатоци“, вели Наумов
Од јуни годинава во Македонија се реализира меѓународен проект за дендрохронолошка анализа на културното наследство, во партнерство со Универзитетите во Берн, Оксфорд и Солун. Како дојде до соработката и на што е работено во изминатите два месеца?
Со Универзитетот во Берн соработуваме повеќе години во доменот на водоземната археологија и неодамна го финализиравме NEENAWA проектот. Целта беше да интегрираме нови аспекти и методи во македонската археологија, што секако ќе овозможи подобро и потемелно разбирање на предисториските заедници во Македонија, но и на Балканот. Организиравме различни курсеви, обуки, предавања и конференции и тие секако имаат ефект кон отворање нови видици и градење нови искуства. Сега веќе се покажуваат ефектите од овој проект, а тие ќе се доразвиваат со натамошните соработки. Од оваа година со Центарот за истражување на предисторијата сме вклучени во проектот EXPLO, во кого покрај Универзитетот во Берн, партнери се Универзитетот во Оксфорд, Универзитетот во Солун, како и Завод и музеј – Охрид и Музеј на РС Македонија. Оваа меѓународна и мултидисциплинарна соработка веќе е во својата развојна фаза и ќе има далекосежни ефекти во блиска иднина.
Со која цел се реализира проектот и какви бенефити ќе има нашата држава од овој проект?
Целта на проектот е да се насочи кон предисториски заедници што не се многу истражувани на Балканот. Имено, станува збор за племињата што живееле на наколните населби крај езерата и за начинот на нивно населување и интегрирање на нови стопански активности.
Преку развојот на земјоделството во езерските региони се следи како заедниците формираат сооднос со природната околина и како го градат својот идентитет преку материјалната култура и архитектурата. Токму примената на палеоекологијата, дендрохронологијата, археоботаниката, генетиката и анализите на покуќнината применети во овој проект, овозможуваат доследно да се осознае начинот на кој земјоделството во крајните фази на неолитот и почетокот на енеолитот се имплементира во езерските региони, односно во оние каде што има најдобра сочуваност на органските материјали (дрвени столбови и орудија, семиња од плодови, остатоци од растенија итн.). Придобивките од овој проект ќе бидат далекосежни за Македонија бидејќи некои од методите за првпат се применуваат во нашата археологија и ќе дадат сосема ново видување на предисторијата. Тука особен примат има дендрохронологијата, односно методот кој овозможува датирање на локалитети преку анализа на дрвените остатоци.
Објаснете ни подробно која е улогата на дендрохронологот и дали до сега имало ваков кадар во Македонија?
Уште во претходниот проект што го имавме со Универзитетот во Берн се вршеше обука на студент во рамките на дендрохронологијата. Нашиот колега Андреј Мачковски се покажа како исклучително посветен, заинтересиран и талентиран за оваа археолошка област, така што во рамки на ЕХРLO проектот ќе ги развива своите сознанија преку докторските студии. Воедно тој ќе биде и првиот дендрохронолог во Македонија, но и на Балканот, така што во иднина значително ќе придонесе за мошне прецизно датирање на предисториските локалитети, но и на разни објекти и предмети од антиката, средниот век и подоцнежните епохи. Преку анализата на дрвените столбови од наколните населби на Охридското Езеро тој за првпат ќе формира апсолутна хронологија за регионот што може да се прошири и во околните области.
На кои се локалитети и во кои области ќе најдат примена методите на дендрохонолошка анализа?
Во моментот проектот е насочен кон локалитетот Плоча-Миќов Град, кој е претходно истражуван и афирмиран од страна на Завод и музеј – Охрид со формирањето на Музејот на вода кај Градиште. Но по датирањето на овој локалитет предвидено е да се истражуваат и анализираат и други наколни населби на охридското крајбрежје, како од македонската така и од албанската страна.
Исто така има идеја дендрохронологијата да се примени и врз дрвените остатоци од локалитетите во Преспанското и Дојранското Езеро за што натамошно треба да направи стратегија. Истовремено се вршат истражувања и дендрохронолошки анализи во Костурскиот и Леринскиот регион, така што за неколку години ќе се добие сосема нова хронолошка слика за езерските области во Грција, Албанија и Македонија.
Кои се најстарите пронајдени артефакти од дрво во нашата држава и нешто повеќе за нив?
Во Македонија познати се дрвени остатоци од антиката и средниот век, но досега тие се датирани единствено преку стилските аналогии. Остатоци од дрва се констатирани и на предисториските локалитети, но единствено во форма на јаглен или преку археоботаничките анализи коишто не даваат увид во времето на нивното настанување. Но со примената на дендрохронологијата за првпат дрвените остатоци прецизно ќе се датираат и тоа не само од предисториските локалитети, туку и од средновековните цркви и икони. Тоа на некој начин ќе создаде реформа во научниот пристап на средновековната археологија и историјата на уметност, кои досега датирањето единствено го вршеа преку аналогии и индиректни историски извори. Во иднина дендрохронологијата може да овозможи прецизна старост на иконите, иконостасите, столбовите од црквите, покуќнината и инструментите од минатите векови, секако во зависност од интересот на институциите и научниците одговорни за нивното проучување.
На кои проекти во моментов работи Центарот за истражување на предисторијата?
Во текот на годината работиме на повеќе меѓународни и домашни проекти коишто се во континуитет од минатите години. Само што завршивме со истражувањата на Плоча-Миќов Град, почнавме со ископувањата на Врбјанска Чука во Пелагонија, кои вклучуваат стручњаци од десетина македонски и европски институции. Потоа паралелно сме вклучени во истражувањата во рамки на европскиот проект BIRTH во кого се вршат зооархеолошки, антрополошки, генетски, изотопски и липид анализи на повеќе неолитски локалитети во Македонија. Исто така пополека започнуваме со организација на веќе традиционална конференција „Неолитот во Македонија“ која ќе се реализира во декември, а исто така го подготвуваме и истоимениот зборник што ќе биде промовиран за време на конференцијата. Во меѓувреме ќе организираме предавања на неколку балкански и европски археолози со цел да ги прошириме сознанијата за предисторијата и да промовираме нови пристапи и методи, што е воедно и една од главните цели на ЦИП (Центарот за истражување на предисторијата). (Д.Т.)