Mесто да одиме чекор по чекор напред, да се модернизирамe и да бидеме во тeк барем со соседите, во двете железнички претпријатија – МЖ Транспорт и МЖ Инфраструктура – времето застанало во минатиот век. Жално, ама вистинито, сè е дотрајано, а некогаш бевме ценети во регионот.

А, токму регионот граби напред. На социјалните мрежи се коментира фотографија на која се прикажани максималните брзини на движење на возовите во земјите од Западен Балкан. Така, во Турција возовите „летаат“ по пругите со брзини од 250 километри на час. Со нешто помали брзини од 200 км/час возат возовите во Србија и во Грција. Во Словенија, Хрватска и во Романија, земји членки на Европската Унија, по пругите се развиваат брзини до 160 км/час, а во Бугарија 150 км/час. Во Црна Гора, возовите се движат до 80, а во Босна и Херцеговина до 70 км/час. За Албанија се потенцира дека таму возовите со максимални 40 км/час „лазат како полжави“. За Македонија, пак, е наведено дека нема податоци за брзината на возовите. 

Од МЖ Инфраструктура посочуваат дека просечната брзина на движење на пругите во државава зависи од состојбата на железничката инфраструктура, состојбата на локомотивите и на вагоните, како и од други фактори.

– Во јуни, во просек, брзината за патнички сообраќај изнесуваше 71 километар на час, а за товарниот сообраќај – 54 километри на час. Ова се должи на намалената брзина на делот од пругата од Зелениково до станицата Велес со 20 километри на час. На овој дел од пругата, од нашиот персонал се врши замена на старите дрвени прагови со нови, со што се очекува во следните неколку месеци да се заврши промената на праговите и да се зголеми брзината на движењето на возовите – велат од државното претпријатие.

Статистиката на МЖ Инфраструктура за реализираниот железнички сообраќај покажува дека во првата половина од 2022 година, на нашата територија се превезени вкупно 2.458 товарни возови, 1.911 во меѓународниот и 547 во внатрешниот сообраќај.

– Во првата половина од 2023 година, на нашата територија се превезени вкупно 1.533 товарни вагони, од тоа 1.268 во меѓународниот и 265 во патничкиот сообраќај. Разликата во намалениот број возови во оваа прва половина од годината, во споредба со минатата, е поради укинување на патничките возови од МЖ Транспорт на пругите Скопје – Табановци и Велес – Кочани и поради недоволниот број влечни средства (локомотиви) на МЖ Транспорт – велат од МЖ Инфраструктура.

Железничкиот сообраќај е во прекин, бојкотираат машиновозачите

Од 26 август железничкиот сообраќај е повторно во застој. Една од причините за тоа е неисплатениот втор дел од платата за јули, вели претседателот на Синдикатот на машиновозачите, Тони Димовски.

Машиновозачите бараат од следниот месец платата целосно да им се исплаќа, бидејќи, како што вели, другите фирми земаат одеднаш плата, а не двократно, како што земаат машиновозачите. А, и во самиот Закон за работни односи стои дека до 15. треба да се исплати платата, потсетува тој.

Првиот дел од платата за јули го зеле во петокот (25 август), а тоа, вели Димовски, го нема во ниедна фирма во државата.

– Излегува дека секој месец треба да бојкотираме за плата. Тоа што сме го изработиле, не можеме да си го земеме, а камоли да бараме покачување. Мојата основната плата е 23.000 денари, колку што се планира догодина да изнесува минималната плата. Тоа ќе значи дека ние, како машиновозачи, со огромни одговорности, ќе работиме за минималец – рече Димовски.

Од МЖ Транспорт велат дека одлуката за бојкот на машиновозачите е неразумна.

– Со прекинот на железничкиот сообраќај им се нанесуваат огромни материјални и нематеријални штети на МЖ Транспорт, на ЈП за железничка инфраструктура и на целокупното стопанство и менаџерскиот тим е принуден да ги преземе сите законски мерки за повторно воспоставување на железничкиот сообраќај – се вели во соопштението.

Оттаму потенцираат дека менаџерскиот тим е во постојани разговори со Владата и се прават напори да се обезбедат средства за непречено функционирање на железничкиот систем до крајот на годинава.

– Во периодов кога имаме најава за зголемен железнички превоз од страна на коминтентите, свесната одлука за бојкот од машиновозачите, во најмала рака, е неразумна, бидејќи ќе им предизвика огромни штети на друштвото и на целокупното стопанство – се потенцира во соопштението.

(С.Бл.)