Во Македонија има 8.156 слободни работни места, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС), кои се однесуваат на четвртиот квартал од минатата година.
Според ДЗС најмногу слободни позиции има во секторот преработувачка индустрија (2.941). Следуваат трговија (1.512), транспорт и складирање (553), административни дејности (424), здравствена и социјална заштита (422), угостителство (414)…
Гледано по региони најмногу работници се бараат во Скопски (3.737), Пелагониски (1.445), Источен (829), Југозападен (668), Вардарски (543), Југоисточен (488), Полошки (262) и Североисточен (185).
На веб страницата на Агенцијата за вработување (АВРМ) во моментов се објавени 9.470 слободни работни места.
Податоците покажуваат дека во земјава има хроничен недостиг од квалификуван кадар во одредени дејности.
Од оние со завршено високо образование се бараат: програмери, информатичари, градежни инженери, архитекти, машински инженери, електроинженери, технолози, фармацевти, графички дизајнери.
Од луѓето со средно или со вишо образование се бараат: комерцијалисти, техничари, медицински сестри, администратори, леари и слично.