Во Кочани блескаше сè, од гламур, хитови и фолк-ѕвезди – За првпат на нашата музичка сцена – „Вечер на популарноста 2023“

449

Весникот ВЕЧЕР и порталот vecer.press ја доделија наградата на една од најпопуларните брачно-музичките двојки, на струмичаните, секогаш добро расположени и распеани – Ленче и Горан Кукиќ

(Дуле МИЌИЌ)

Кочани, за првпат во својата поблиска естрадна историја заличи на „мал Холивуд“. И тоа, само поради ексклузивниот настан „Фолк-вечер на популарноста 2023“, а кои граѓаните на ова убаво македонско гратче, со причина го „прекрстија“ во „Оскар на популарноста“. Сè заради присуство, на едно место и во исто време, на голем број многу популарни македонски пејачи, но и познати личности, во прекрасниот хотел „Амор“, во кој се одржа манифестација, како и пред камерите на ТВ Алфа и Балкан мјузик-ТВ. Тука, на лице место беа и други влијателни македонски медиуми, електронски и пишани, а пред сè, во првите редови нашите – весникот ВЕЧЕР и порталот vecer.press.

Сите учесници при влегувањето во хотелот се движеа по црвениот тепих, пред објективите на фоторепортерите и камерманите, давајќи мини изјави, со што на настанот му се овозможи да добие уште еден дополнителен шмек. Сцената, исто така, беше гламурозна налик на оние сцени од поблиско и подалечно странство. Настанот го водеа со здружени сили веќе докажаните професионалци, Ирена Спировска и Благоја Грујовски. И двајцата елегантно облечени. Ирена во убав бело-син дводелен секси-фустан, а Благоја во класичен машки црн костум дополнет со црна пеперушка.

Започна со звуците на музиката од маестро Милан Завков, на кој постхумно се додели наградата за животно дело од рацете на композиторот Томислав Которчевиќ. За животот и неговата работа, накусо со одбрани топли зборови, зборуваше фолк-новинарот од Македонската телевизија, Орце Гелевски. Потоа, во чест на Завков, засвири хармоникашот маестро Сашко Велков.

Секогаш добро распеаната ѕвезда на македонската фолк-сцена Сузана Спасовска и овој пат беше во својoт препознатлив стил. Испеа незаборавно и предизвика огоромно ракоплескање, а беше и стилизирано облечена со оглед на тоа дека пееше патриотска песна за Македонија.

Брачно-музичката двојка од Струмица, Ленче и Горан Кукиќ, од година во година се едни од најзвучните македонски фолк-имиња, а тоа дека ги сака публиката докажаа и на овој настап во Кочани.                                                                              Наградата свечено им беше доделена од страната на долгогодишен естраден новинар Дуле Миќиќ, а во името на Редакцијата на весникот ВЕЧЕР и порталот vecer.press

На вкусно украсената сцена под рефлекторите заблескаа и: многу темпераментниот Јордан Митев, носталгично распеаниот Наум Петрески,  раскошно талентираната Анета Мицевска-Молика, убавата Стојне Николова, занимливиот Цаки-Кисми, оригиналниот Спасен Силјановски, шармантната Елена Андоновска, феноменалните Орде Неделковски и групата „Круна“ (главен оркестар на вечерта), братучедите Влатко Миладиновски и Дамјан Стојаноски… Една од наградите беше доделена и од рацете на кочанскиот градоначалник Љупчо Папазов.

Сепак, веселата фолк-вечер заврши со највкусната „јаготка на шлагот“,    со мошне атрактивниот настап на сексапилната Сузана Гавазова. Таа предизвика бура реакции кај публиката, така што по нејзиниот настап со големиот хит „Бум, бум“, немаше таков кој не посака да се слика со Сузана. Гавазова во Кочани дојде два дена по австралиската турнеја, семејно со ќерките и сопругот Јасмин, предизвикувајќи дополнителен силен интерес кај (акредитираните) новинари. Настанот го организираше Имд-продукција, а организаторот Иванчо Митев, доделувајќи ја наградата на Анета Мицевска и групата „Молика“, посака и в година повторно да се сретнеме сите на ова исто место. Во името на добрата македонска фолк-музика и македонските медиуми кои професионално ги следат кариерите на македонските естрадни ѕвезди.