Од почетокот на вакцинација до вчера во Здравствениот дом во Кичево вакцинирани се вкупно 13 251 граѓанин, а втората вакцина ја примиле 8 372 граѓани.
За разлика од почетокот на август кога интересот за вакцинација на граѓаните од Кичево беше многу висок, последните десетина дена интересот за вакцинација благо опаѓа и дневно се вакцинираат стотина пациенти, потврдија од Здравствениот дом.
-Од почетокот на месец април до денес во нашата општина имаме вакцинирано вкупно 13 251 граѓанин, со следните вакцини,„Фајзер“,„Синофарм“, „Астра Зенека“ и„ Синовак“. Од почетокот на вакцинација најмногубројни се граѓаните кои ја примиле вакцината на„ Синовак“, чиј број изнесува 7 417 граѓани, на второ место е вакцината на„ Фајзер“ со која досега се имаат вакцинирано 2 853 лица, со „Астра Зенека“ – 1 534 и со „Синофарм“ се имаат вакцинирано вкупно 1 307 лица, истакна одговорната сестра Мира Мојсоска.
Потврда за намалениот интерес за вакцинација се и бројките од почетокот на месец септември, кога во шесте работни дена се вакцинираа 561 граѓанин.
-За разлика од месец август почетокот на септември го карактеризира намален притисок на граѓаните на Кичево за вакцинација против Ковид-19. Така од почетокот на месецов со „Астра Зенека“ се вакцинирани 26 лица, со „Синовак“ се вакцинирани 407 лица и со „Фајзер“ 128 лица или вкупно во првата недела од септември вакцината ја примиле 561 граѓанин.Во исто време зголемен е бројот на ревакцинирани и изнесува 1 538 лица. Во оваа бројка предничи „Фајзер“ со 1 204 ревакцинирани граѓани, „Синовак“ со 267 и „Астра Зенека“ со само 67 лица, рече Мојсоска и посочи дека теренската вакцинација заврши, а лицата кои од руралните средини ја примија првата вакцина за втора вакцина доаѓаат во градот каде се ревакцинираат.