Во Кинотека на Македонија: “До крајот на светот и понатаму“ со австралиска филмска ревија

66

“Недела на австралиски филм: До крајот на светот и понатаму“ е насловот на ревијата филмови која ќе се одржи од 26 до 30 јануари во Кинотека на Македонија. Во нејзини рамки, во пет дена, ќе бидат прикажани пет остварувања, кои ќе се проектираат од 20 часот.

Притоа, македонската публика на 26 јануари ќе има можност да ги види “Црниот балон“ на Елиса Даун во кој е загатната темата за аутистичните деца. Во филмот, режисерката Даун ја разработува оваа тема на семеен, личен план и прикажува едно момче-тинејџер кое се труди да го прифати аутистичниот брат и таа различност.

На 27 јануари, е филмот “Џиндабајн“ на Реј Лоренс кој открива една етичка дилема: дали припадникот – во овој случај жена – на поинаква заедница, домородното племе, е рамноправен, дури и по смртта, односно дали тоа што непознатата жртва заради антрополошките белези, (Абориџанка) треба и мртва да остане само ѓубре кое им ја расипало идиличната глетка на белите риболовци за време на викендот.

На 28 јануари, пак, е симпатичната драмска комедија “Црвениот пес“ на Крив Стендерс што претставува романтична евокација на заедништвото, емпатијата и потрагата по среќа во 70-те години од минатиот век, кога Австралија е ветената дестинација за егзистенција и економски просперитет на десетици илјади луѓе од цел свет, а црвениот пес (го игра кучето Коко) е своевиден симбол на верноста и посветеноста.

На 29 јануари следува “Чинијата“ на Роб Сич со Сем Нил во главната улога, сторијата која ја опишува 1969 година, кога австралиската опсерваторија Паркс е битен сегмент во мрежата опсерватории преку кои се (ре) емитува видеопреносот од слетувањето на првиот човек на Месечината.

И за крај на Неделата на австралиски филм, на 30 јануари, е остварувањето “Ромул, мојот татко“ на Ричард Роксбург во кој главниот лик Ромул го игра Ерик Бана (вистинско име му е Ерик Банадиновиќ чии родители потекнуваат од екс Југославија). Бана, во овој филм е сопруг на Германка, ја толкува Франка Потенте, со која се доселува во Австралија, но очекувањата дека во „ветената земја“ веднаш ќе потече мед и млеко не се остваруваат. Ќе има ли живот за сопругот и синот, и покрај социјално-економските и здравствените пречки, кога жената ги напушта сопругот и синот?