Во соработка со Европската Унија, денеска во Кавадарци беше организиран состанок со субјекти од областа на туризмот, да се видат можностите за формирање организација, што ќе менаџира со дестинацијата ,,Тиквеш” и Вардарски плански регион.
Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев се осврна на големото значење на проектот за локална и регионална конкурентност, за унапредување на туристичката инфраструктура во државата и во тиквешкиот регион. Тој информираше дека со овој проект се реализираа низа проектни активности што придонесоа за развој на туризмот и управувањето со дестинациите, како и градење на капацитети за поддршка на растот на секторот.
– Со реализирањето на проектите во Тиквешијата како туристичка дестинација, се нуди можност за понатамошно развивање на оваа гранка и позиционирање на дестинацијата ,,Тиквеш”. Во општина Кавадарци се реализира проектот ,,Интегрирана програма за развој на туризмот во општина Кавадарци”, со кој се направи реконструкција на патот до Михајлово и се поставија три влезни портали. Со тоа, значително се подобри инфраструктурата како важен сегмент за развој на туризмот во дестинацијата, посочи тој.
Јанчев соопшти дека во регионот се реализираа и други проекти, во соработка со винариите и останатите општини, што го дефинираат регионот во целост, како една примамлива дестинација за туристите.
– Општина Кавадарци, покрај инфраструктурните проекти, во функција на туризмот има и директна поддршка на винариите, во висина од два милиона денара во буџетот за 2022, а поддршката е планирана и во 2023 година. Убеден сум дека е неопходно за формирање на организација или искористување на постоечките субјекти, што ќе управуваат со оваа дестинација, со посебен акцент на винскиот туризам, додаде градоначалникот.
Тој беше дециден дека Вардарскиот плански регион има голем потенцијал за развој на туризмот.
– Ние како општина, а верувам и како регион, спремни сме да го поддржиме овој проект, каде организираното менаџирање на дестинацијата, ќе придонесе кон промоција на туризмот во овој регион, нагласи градоначалникот на Кавадарци.
Тој изрази надеж за успешно реализирање и на останатите компоненти од проектот, со цел развој на дестинациите и нивната туристичка понуда.
Пред присутните се обратија и секретарот во кавадаречката локална самоуправа Тодор Ефремов и Карл Џиачинти од делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија.