Во Ирска откриени 2.400 пријави за 884 сексуални злоставувачи во над 300 католички училишта

207

Ирската влада основа статутарна комисија која ќе го истражува сексуално злоставување во училишта што ги водат католичките верски редови, откако прелиминарната истрага откри речиси 2.400 пријави за злоставување во текот на децениите.

„Ројтерс“ вчера по вторпат објави соопштение на ирската влада од вторникот во кое се наведува дека државната истрага открила навистина шокантно ниво на сексуална злоупотреба во религиозните училишта, првенствено оние што ги води Католичката црква, во текот на речиси еден век.

-Откриени се 2.395 обвинувања. Прелиминарната истрага за опфатот откри 884 наводни сексуални злоставувачи во повеќе од 300 училишта низ целата земја помеѓу 1927 и 2013 година. Повеќето од случаите се случиле од 1960-тите до 1990-тите години, соопшти владата.

„Гардијан“, пак, пренесува дека злоупотребите на учениците се случиле во 308 училишта што ги водат 42 католички реда низ Ирска.

Истражителите спровеле низа разговори со жртвите на злоставување, а во најголем број станува збор за мажи кои сега се во педесеттите и шеесеттите години.

Ирската министерка за образование Норма Фоли го опиша извештајот како мачен  документ кој содржи ужасни сведочења за сексуално злоставување.

„Нивото на злоупотреба е шокантно. Тоа е навистина шокантно, а исто така и бројот на наводните насилници. Овој случај ќе биде следен од истражна комисија која најверојатно ќе открие дополнителни случаи“, изјави Фоли на прес-конференција.

Истрагата е покрената во 2022 година, по емисија на радио РТЕ, во која се зборувало за историјата на сексуалното злоставување на колеџот „Блекрок“ во  Даблин, кој го посетувале многу водечки бизнисмени и спортисти, а 57 лица навеле дека таму претрпеле злоставување.

„Ројтерс“ пишува дека прелиминарната истрага била заснована на записи што ги чувале верските институции и сведочења на жртвите. Тоа е последниот во серијата извештаи во последниве децении за наводите за злоупотреба и малтретирање од страна на свештеници и членови на верски редови, претежно во доминантната католичка црква во Ирска.

Многу од истражените злоставувачи сега се веќе покојни. Обвиненијата се изнесени против вработени во училиштата кои ги воделе католичките монашки редови језуити, отци кармелиќани, христијански браќа, милосрдни сестри и мисионери на Пресветото срце.

Документот од прелиминарната истрага треба да се објави во вторник, откако прво ќе им се достави на жртвите. Според „Гардијан“ за објавување на резултатите од истрагата на комисијата која допрва треба да се формира ќе бидат потребни барем неколку години.