Во интернет-измамите се вклучуваат и чет-ботови

    Внимавајте со кого разменувате лични податоци на фејсбук, тик-ток, твитер...

    11

    Со победата на Доналд Трамп на претседателските избори во Америка, скокна и вредноста на криптовалутата, па порасна и желбата да се инвестира во виртуелната пара. На социјалните мрежи врие од измами за лесна заработка на крипто, а полицијата и банките веќе ги предупредија граѓаните да внимаваат кому ги споделуваат личните податоци и да не паѓаат на лажни „финасиски советници“. Измамниците ги убедуваат жртвите на социјалните мрежи да инвестираат во крипто валути, некои од нив не се луѓе од државава и употребуваат различни начини како да извлечат пари. Измамата започнува со случајна порака од измамникот, на пример од Моника која ја испратила пораката по грешка. На профилот на измамниците стои дека им помагаат на луѓето да направат вај-фај пари, па ако жртвата ја прифати пораката, измамникот започнува неврзан разговор за да се стекне доверба. „Мојата единствена цел е да ги видам другите како успеваат, со крипто сте финансиски стабилни. Дали сте запознати со крипто тргувањето со користење на најновите стратегии“,- разговорот преминува во атрактивна понуда за брза заработка, инвестицијата од 200 евра во биткоин, за три дена петкратно ќе се зголеми. Понатаму на жртвата ѝ се сугерира да отвори сметка на некаква платформа и да депонира пари со кои ќе се тргува, ако се согласи, остава лични податоци и добива линк да инсталира лажна мобилна апликација. Измамникот е подготвен дури и да ја спушти почетната сума на инвестиција доколку жртвата го нема потребниот лимит од 200 евра. Измамите се случуваат на социјалните мрежи, Тик-ток, Твитер, ама и од непознати телефонски броеви со странски префикс. Се преставуваат дека се од некоја индустрија и нудат инвестиција во крипто. Таканаречените „финасиски советници“ даваат лажна интернет-страница на кои се креираат лажни сметки за кои жртвите мислат дека располагаат со илјадниците евра во биткоини.

    Од МВР за весникот ВЕЧЕР, кои веќе предупредија за измамите на социјалните мрежи, велат дека единицата за компјутерски криминал работи на расветлување на измами со спонзорирани реклами на Фејсбук. „Измамниците ги контактираат жртвите, ги наведуваат да инсталираат т.н. далечински управувач софтвер и потоа купуваат од нивните сметки криптовалути на различни платформи како Binance,Cex,OKX,Simpex“, објаснуваат од полицијата и ги повикуваат граѓаните да не одговараат на телефонски повици од непознати и повеќецифрени броеви. „По воспоставувањето контакт преку социјалните мрежи, измамниците комуницираат со жртвите преку телефонски повици, користејќи VOIP броеви, кои обично изгледаат како локални броеви за да стекнат доверба. Во текот на разговорот, тие ги убедуваат жртвите да инсталираат софтвер за далечински пристап, под изговор дека им е потребен за да им помогнат со поставување на платформата за тргување. Откако ќе добијат далечински пристап до компјутерот или мобилниот уред на жртвата, измамниците пристапуваат до електронското банкарство и ги префрлаат паричните средства од банкарските сметки на жртвите. Во многу случаи, жртвите остануваат без средства пред да сфатат дека се измамени, а штетите се значителни“, велат од МВР.

    Своите корисници ги предупредија и банките, да префрлаат пари само на познати интернет сметки. „Избегнувајте инсталирање на непознат софтвер од трети лица на уредите што ги користите за пристап до дигиталното банкарство. Ако некогаш сте биле жртва на измама, има голема веројатност измамниците повторно да се обидат да ве контактираат, претставувајќи се како адвокати или лица кои ќе ви помогнат да ги вратите средствата. Во такви случаи, може да побараат дополнителни финансиски средства. Бидете внимателни и заштитете ги вашите средства“, апелираат од банките.

    Кои се најчестите измами со крипто валути?

    Познавачите на интернет злоупотреби за ВЕЧЕР набројуваат неколку начини на интернет измами. Со развојот на вештачката интелигенција се почесто се користат т.н. чет-ботови или виртуелни асистенти кои нудат можности за заработка со висок профит преку инсталирање на лажни софтверски токени. Се популарна станува измамата преку мрежите за запознавање, користејќи фабрикувана романтична врска измамниците ја користат ранливоста на жртвата и можат лесно да ја намамат на лажни плаќања. Кај нас не се ретки измамите и преку лажни интернет-страници кои се речиси идентични на вистинските, а во кои луѓето имаат доверба и не се сомневаат во легитимноста, како на пример некој познат бренд. Понудите за инвестиција се прават преку електронска пошта, а измамите одат преку полиберални платформи како Телеграм. Од оваа платформа започна и понзи шемата Конти преку која илјадници граѓани од Македонија ги изгубија вложените пари. Шемата пропадна бидејќи немаше доволно нови инвеститори да ги одржат исплатите, што резултираше со огромни финансиски загуби на измамените. Уште една измама е преку така наречените „подароци“, измамниците користат инфлуенсери и нудат инвестиција во крипто, па бидејќи трансакцијата во крипто е неповратна штом ќе се уплатат, парите исчезнуваат засекогаш. Финансиските институции во земјава повеќе пати алармираа за постоењето на „фишинг измамите“ преку кои измамниците крадат лични банкарски податоци, шемата е преку испраќање на лажни линкови до интернет страници и со барање од жртвите да ги внесат своите податоци, а кои потоа ги користат за крадење на парите од сметката. Разузнавачите предупредуваат да не се отвораат електронски пошти од непознат испраќач кои обично се наоѓаат во спам, делот на електронското сандаче.

    Во Македонија постои Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам со кој донекаде се регулира и крипто-сферата и ризиците од перење пари и финансирање на тероризам. Колапсот на инвестициската шема на „Конти“, го отвори прашањето за посилни регулативи за заштита на  луѓето од финансиските измамници. (П.А)