Во Европа килограм свинско 20 евра, не очекува ли и нас ваков ценовен шок?

Набавните цени на месото секоја недела се повисока за 10 денари. Најголем раст има на јунешкото и пилешкото, кое најчесто го увезуваат од Австрија, Италија, Полска, бидејќи немаме доволно домашно производство.  Пилешкото за еден месец е поскапено за 30 до 40 отсто. Еден килограм пилешки стек пред еден месец беше 220, а сега е 330 - 340 денари. Јунешкото сега е 700 денари килограм, а пред Нова година беше 350 денари, што значи поскапено е за 50 отсто. Слична е состојбата и низ маркетите во Европа, каде килограм свинско стигна до 20 евра

344

Зголемените трошоци за добиточна храна и другите влезни трошоци значително ги зголемија и цените на месото. Освен пилешкото кое е поскапено од 30 до 40 отсто, пораснаа и цените на јунешкото, јагнешкото…. Цената на свинското засега стагнира, поради свинската чума која неодамна се појави кај нас, како и поради фактот што голем дел од сточарите се откажуваат од чување на свињи поради скапата храна. Но како во Европа каде килограм свинско стигна до 20 евра, според производителите и кај нас се очекува раст на цената на свинското.

Од месарниците велат дека секоја недела имаат нови цени на месото, особено на јунешкото и пилешкото кое најчесто го увезуваат од Австрија, Италија, Полска, бидејќи немаме доволно домашно производство.

-Не можеме да опстанеме доколку не ги покачиме цените. Не можеме да одиме со ниски цени, бидејќи набавувачите многу ги качија набавните цени, особено на пилешкото и јунешкото, кое 70 отсто е од увоз. Јунешкото го набавуваме од Австрија и секоја недела набавната цена е за 10 денари повисока. Ако таму се зголемуваат цените нормално и кај нас да има покачување. Свинското е од домашно производство, а помалите фарми го даваат поевтино само колку да ги продадат свињите бидејќи добиточната храната им е многу скапа и немаат есап да ги одгледуваат, вели за ВЕЧЕР, Александар од една скопска месарница.

Слична е состојбата и со пилешкото кое претежно е од увоз и за еден месец е поскапено за 30 до 40 отсто. Еден килограм пилешки стек пред еден месец беше 220, а сега е 330 – 340 денари. Јунешкото сега е 700 денари килограм, а пред Нова година беше 350 денари, што значи поскапено е за 50 отсто.

Од месарниците велат дека и јагнешкото годинава ќе биде многу скапо.

-Во моментов јагнешкото се продава по 450 до 500 денари, а очекуваме цената пред Велигден да се качи. Тоа што ќе остане од извоз на домашниот пазар ќе се продава многу скапо, велат од месарницата.

И од рестораните се пожалија дека поскапени се и сите намирници што се користат за подготовка на храна во рестораните, а особено поскапени се пилешкото и јунешкото.

–Не е само маслото туку сите продукти што ги користиме за подготовка на храна во ресторанот, месото, а особено пилешкото и јунешкото. Маслото е репер за сето она што ни се случува со економската криза, до каде може да одат цените. Не значи дека овие продукти ќе се исфрлат од употреба, туку ќе поскапат оброците што се приготвуваат со пилешко, јунешко… , вели Мартин Ангеловски, сопственик на вила „Веранда“.

Според производителите и кај нас се очекува раст на цената на свинското поради опстанокот на секторот на пазарот, бидејќи цената на инпутите нагло порасна на глобално ниво, а моменталното производство е неодржливо. Постојат стравувања дека војната меѓу Русија и Украина ќе влијае на дополнително зголемување на трошоци за добиточна храна, но и на другите влезни трошоци.

И во маркетите низ Европа има зголемување на цената на месото, освен пилешкото и јунешкото таму за разлика од кај нас зголемено е и свинското. Така во Италија килограм свински шницли чинат 19 евра, кременадли 17 евра, а сечкано месо за гулаш 13 евра. Слична е ситуацијата и во Германија каде што килограм свински бут чини 12 евра, поради што Германците почнаа да купуваат месо на парчиња и грамови. Во Шпанија јунешкото е 15 евра за килограм, додека од пилешко најевтини се крилцата кои чинат 7 евра.

(А.С.)