Кафулињата и рестораните сè уште чекаат одговор од Владата на нивните барања за организирање музички настани. Се очекува деновиве Владата по препорака на Комисијата за заразни болести да донесе одлука за тоа дали ќе може да се одржуваат музички настани во рестораните и кафулињата и под кои услови. Угостителите и музичарите реагираа на оваа забрана и бараа надлежните да направат промена на одредбата од протоколот со која се забранува организирање музички настани во внатрешни и надворешни делови.
Музичарите кои неколку месеци не остваруваат никакви приходи бараат да се дозволат живи свирки во угостителските објекти. На најголем дел од музичарите ова им е основен приход за егзистенција, односно професионално настапуваат во рестораните кафулињата и клубовите. Сега поради ограничувањата не можат да ја извршуваат својата работа и да заработуваат за живот.
-Јас професионално се занимавам со музика, односно живи настапи во ресторани, кафеани, хотели…, а од почетокот на пандемијата сум невработен и не остварувам никакви приходи. Заедно со мојата група претежно бев ангажиран за матурски, свадби, крштевки и други прослави кои сега се забранети, а ние не работиме. Не ми е јасно како е можно да бидат отворени теретаните, моловите, казината, обложувалниците, а на ние музичарите кои чесно заработуваме да не можеме да работиме. Бараме од Комисијата за заразни болести да донесе и протокол за организирање на свадби, бидејќи во државата 1.500 невести чекаат да прават свадба, вели за весникот ВЕЧЕР, Даниел Максимов, дипломиран музичар познат по живите свирки во градот.
Угостителите апелираа до Владата да се дозволи организирање на музички настани и што е можно поскоро да се донесе протокол за организирање на свадби и други прослави затоа што токму поради тоа многу објекти сè уште се затворени.
-Ние реагиравме на забраната за организирање на музички настани. За нас е неприфатливо да нема настапи на диџеи и акустични музички настапи кои се составен дел на секој угостителски објект. Ние бараме да се донесат дополнителни протоколи за да може да се организираат прослави во угостителските објекти наместо истите да се прават дома и во дворови, вели Мартин Ангеловски од Туристичко-угостителската комора при ССК.
Освен за промена на протоколите за организирање свадби, прослави и музички настани останува и барањето за промена на правилото со кое на една маса да може да седат четири лица само ако се од исто семејство.
Угостителските објекти од петокот можат да служат гости во внатрешниот дел на објектите, а правилата за носење на заштитни маски на вработените, зачестено да одржуваат хигиена на рацете, остануваат. Според протоколот не е дозволено служење на гости на стоење на шанк, столчињата треба да се на растојание од 1,5 до два метра, на секоја маса мора да има средства за дезинфекција, а на една маса може да седат најмногу две лица, а четворица само ако се од исто семејство.
(А.С.)