Во државата има работодавци што во 2023 година исплатиле плата од само 5 или 10 денари, покажува анализата на Управата за јавни приходи. Од Управата за јавни приходи информираат дека на 700 работодавци им се блокирани сметките поради неисплатени плати од почетокот на годинава, додека 26 компании сѐ уште не ја намириле обврската за солидарен данок и вкупно должат 726,6 милиони денари.
Како што информираше директорката на УЈП, Сања Лукаревска, на брифинг со новинарите, вкупно 3.945 работодавци доцнат со исплатата на платата, од кои 241 угостителски субјект, а потоа следуваат дејноста товарен транспорт – 218 субјекти, адвокатските дејности, поправката на возила, фризерските салони итн.
Кај септемвриската плата, 3.730 работодавци не ги исплатиле своите 8.673 работници, а 5.455 фирми воопшто не поднеле пресметка до УЈП за месечниот доход на 8.462 вработени. По фирми, најголемата фирма со неисплатена плата за септември е од дејноста чистење згради и објекти со 378 работници, а потоа следува друштво за заштита и обезбедување со 148 вработени. Во високото образование, на вкупно 84 вработени не им била исплатена плата, како и на 79 вработени во Општина Виница.
-Од вкупно 68.893 работодавци во земјава, само 47.116, за 462.017 вработени, ја исплатиле платата во законски предвидениот рок до 16 октомври. Од нив, платена пресметка имаат 59.708 работодавци за 535.058 вработени лица, информираат од УЈП.
Анализата покажува дека 5.428 работодавци доцнеле со реализацијата на платите, од кои 1.912 доцнеле повеќе од еден месец, а 700 доцнат од почетокот на годинава и тие се блокирани.
По основ на данок на солидарност, од 130 компании се наплатени 2,3 милијарди денари. Оваа обврска ја имаат 156 компании, меѓу кои и едно јавно претпријатие, со вкупен износ од три милијарди и 29 милиони денари.
Дваесет и шест компании сѐ уште не ја намириле обврската и вкупно должат 726,6 милиони денари, и покрај рокот што им е даден од УЈП. Најголем износ, од 257,3 милиони денари, е уплатен од една скопска компанија со дејност леење челик, која за 2022 година имала вкупен приход 11,3 милијарди денари.
Речиси половина од компаниите што не ја исполниле обврската се од Скопје (12), а останатите се од: Неготино, Струмица, Гевгелија, Делчево, Битола, Прилеп, Чучер Сандево, Гостивар, Слупчане, Желино, Охрид.
Дејностите на компаниите што должат се различни – две фирми се од дејноста коцкање и обложување, две за изградба на станбени и нестанбени згради, две компании со дејност трговија со дрва, градежни материјали и санитарија, потоа трговија на големо со хемиски производи итн.
Најчестата причина што ја наведуваат овие компании за неисполнетата обврска за плаќање на данокот на солидарност е немањето средства.
– Најголемиот должник, а воедно и компанија со најголема пријавена обврска, е скопска компанија од среден обем, чија дејност е трговија со електрична енергија, која остварила вкупни приходи од 13,2 милијарди денари и должи 294,6 милиони денари – рече Лукаревска.
Од 26-те компании што должат, шест направиле пребивање, а три компании се во режим на репрограм, односно одлучиле да плаќаат на три рати.
Рокот за компаниите што нема да ја исполнат обврската останува 24 ноември, кога ќе следува блокирање на сметката. Но, до денот на блокадата, сепак, ќе ги контактираме за да видиме каква е состојбата – рече Лукаревска, додавајќи дека целта на УЈП не е да ги блокира, туку да се најде решение.
(А.С.)