Во Домот „11 Октомври“ повеќе не се слуша детски џагор   

299

Детскиот дом „11 Октомври“ во Капиштец веќе работи на поинаков начин. Во него повеќе нема сместено деца без родители и родителска грижа, но затоа функционираат други услуги во согласност со Законот за социјална заштита.

Имено од 2018 година, со процесот на деинституционализација, животот на децата во една единица продолжува во четири мали групни домови кои се дисперзирани на различни локации во Скопје. Како што објасни в.д. директорката Соња Стамевска ваквиот начин на работа е многу подобар и похуман за децата.

– Дел од децата од оваа установа со процена на Центрите за социјална работа и стручни лица се сместени во згрижувачки семејства, а дел кои останаа почнаа да живеат во мали групни домови. Нашата установа опфаќа четири мали групни домови кои се наоѓаат во централното градско подрачје на четири локации. При изборот на локациите се водеше сметка да бидат во близина на училишта каде децата ќе одат на настава, во близина на здравствени установи кои ќе им бидат потребни, односно во делови каде ќе можат непречено да функционираат и да ги користат сите ресурси на заедницата, за сите потреби што ќе ги имаат, истакна Стамевска.

Имено, во секој групен дом се сместуваат најмногу од 5 до 7 деца, во согласност со просторните можности, а секако запазувајќи ги потребите за сместување. За овие деца се грижат стручни лица (психолог, педагог, социјални работници и сл.) и тоа 24/7 часа на ден, што значи дека кај нив постојано има вработени. Во групите каде има деца на помала возраст има и негувателки кои се грижат за нив.

– Треба да се напомене дека начинот на сегашното функционирање на овие мали групни домови е поблизок на начинот на функционирање на секое биолошко семејство и е многу поприроден, за разлика од претходниот, институционално згрижување, каде во одредено време се јадеше, се легнуваше, односно сè беше групно и без можност за поиндивидуален пристап кон децата – нагласи Стамевска и додаде дека сега пристапот кон децата е многу поиндивидуален и се постапува според нивните потреби.

Во малите групни домови има деца на различна возраст, до 18 години.

– Според законот, се сместуваат деца до 18 години или пак до завршување, поточно до заокружување на нивниот образовен процес. Но, секако се водеше сметка во групите децата да бидат на приближно иста возраст за да им се овозможи соодветна грижа, со исклучок доколку децата се во роднинска врска тие беа сместувани заедно – вели Стамевска.

Сега во Домот за деца „11 Октомври“, во кој повеќе не се слуша детски џагор, е сместена административната служба за потребите на малите групни домови, службата за функционална проценка по МКФ, а од јули годинава е отворен и Центар за помош и поддршка на згрижувачи и згрижувачки семејства кој покрива шест региони од државата (и тоа со покриеност на околу 120 згрижувачки семејства со околу 230 деца), како и Оддел за помош и поддршка на мајки со бебиња.

Како што најави Стамевска се планира да се воведат и други услуги кои се потребни во делот на социјалата и во согласност со Законот за социјална заштита.

(А.П.)