Во ОУ „Димитар Миладинов“ се отвора центар за талентирани ученици

101

На површина од 120 квадратни метри, во ОУ „Димитар Миладинов“ се отвора центар за талентирани ученици.

Станува збор за меѓуопштинска соработка меѓу Центар, Карпош и Кисела Вода. Центарот вклучува три посебни простории, опрема за планетариум и физика, биохемиска лабораторија и лабораторија за уметности, каде што ќе работат учениците заедно со своите наставници.

Просторот е со посебен влез, физички одвоен од влезот во училиштето.

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, истакна дека оваа меѓуопштинска соработка може да биде корисна и перспективна за талентираните ученици од трите општини.

– Центарот за работа со талентирани ученици е идеја што подолго време ја чека својата реализација во Општина Центар. И навистина ме радува што оваа меѓуопштинска соработка, оваа активност, може да биде навистина корисна и перспективна за талентираните ученици од трите општини. Навистина ми е мило што Општина Центар и општините Карпош и Кисела Вода се водечки општини во формирањето ваков центар, односно катче за нашите талентирани ученици да го развиваат и да го надградуваат својот талент. Верувам дека овде учениците ќе поминуваат убаво и квалитетно време, ќе се градат и ќе се развиваат и достојно ќе ги претставуваат нашите општини и државата на меѓународните натпревари – порача Герасимовски, посакувајќи им на учениците убава дружба, личен развој и успешни кариери.

Овој центар за талентирани ученици е прв во главниот град и има исклучително значење за талентираните ученици, кои немаат катче каде што може да ги развиваат и да ги усовршуваат своите талент, знаење и способности. Во ова катче, учениците ќе работат со своите наставници, трошоците за редовните комуналии за просторот (вода и Интернет), струјата и парното ќе ги намирува училиштето, а материјалните трошоци ќе ги покриваат трите општини заедно. Центарот за талентирани ученици ќе влезе и во креирањето на општинските буџети со цел талентираните ученици да го градат и да го развиваат својот талент и во наредните години. Општина Центар, исто така, обезбедува и одговорно лице, кое ќе се грижи за центарот, за тој да им служи уште многу години на учениците што поседуваат одреден талент.