Создадени се услови за изградба на две биогасни централи во општина Градско бидејќи ќе се користат локални ресурси, т.е. отпад и ѓубре од животинско потекло. Нивната изградба би почнала на почетокот на 2021 година и тоа, првата ќе биде лоцирана пред управната зграда на ЗК „Вардар АД Градско“ што е во близина на Винарија „Стоби“, а втората ќе е во непосредна близина на свињарската фарма на „АГРИА“ кај село Долно Чичево.
Општинските власти очекуваат двете централи да го поттикнат производството на силажа од пченка, ќе сезголеми вработувањето и позитивно ќе се влијае на животната средина.
Градоначалникот Роберт Бешовски за МИА изјавува дека забрзано се работи на измена на Урбанистичкиот план за Градско донесен во 2018 година за да се создадат услови за изградба на Биогасна централа во вредност од 15 милиони евра со моќност од 3 мега вати од страна на ЗК “Вардар АД Градско”.
– Следува и подготовка на локална урбанистичка планска документација за изградба на уште една Биогасна централа во вредност од 7 милиони евра со моќност од 2 мега вати во близина на фармата на АГРИА“ кај село Долно Чичево, а која ќе ја гради приватен инвеститор. Со изградбата на Биогасната централа од страна на ЗК „Вардар АД Градско“ ќе се зголеми локалниот економски развој. Локалните земјоделски производители на пластеници во Градско ќе добијат можност да користат топлинска енергија – парно греење преку оваа Биогасна централа. Истовремено јавните институции и останатите државни објекти наскоро ќе имаат можност да користат топлинска енергија од Биогасната централа – истакна Бешовски.
За нејзината работа ќе соработуваат со земјоделците од Општина Градско и соседните општини. Освен од своја силажа од пченка ќе откупува и од земјоделците и ќе го потикне одгледувањето на силажа од пченка.
Истовремено оваа Биогасна централа ќе го користи и отпадот од грозјето кое лозарите го носат во Винарија „Стоби“ ,а која ќе биде во нејзина непосредна близина, односно ќе се користи комињето од грозје, кое ослободува метан.
– Оваа централа ќе биде од голема моќност од 3 мега вати, дел од струјата ќе се продава и во системот на ЕВН, бидејќи таа е субвенционирана алтернативна струја – вели градоначалникот.
Втората Биогасна централа кај село Долно Чичево ќе биде со помала моќност од 2 мега вати и затоа топлинската енергија од неа ќе се користи само за потребите на свињарската фарма, како и за производство на струја за фармата.
– Во фаза на разговори за изградба на ова Биогасна централа со општината е приватен инвестотор. Како алтернативна субвенционирана струја, енергија и оваа Биогасна централа ќе се поврзе во системот на ЕВН. Овде биоразградливиот отпад од свињите ќе се користи за добивање на биогас, а воедно ќе се заштити и животната средина. Со овој отпад во производство на биогас од животинско потекло, Општина Градско воедно ќе го реши и повеќедеценискиот проблем со загадување на животната средина од отпадните води на фармата, која ја загадуваат реката Вардар – потенцира Бешовски.