Во Германија неидентификувани дронови летаа над чувствителни локации

260

Неидентификувани беспилотни летала се забележани во последните недели над чувствителна индустриска зона во Германија и американската воздухопловна база во Рамштајн, соопштија денеска полициски извори, потврдувајќи ги медиумските извештаи.

„Неколку летови со беспилотни летала над критичната инфраструктура се забележани во последните денови во Рајнланд-Пфалц“, изјави за АФП неименуван портпарол на криминалистичката полиција во тој регион на југозападна Германија.

„Најпрво, фабриката БАСФ во Лудвигсхафен беше погодена од тие прелети, а потоа следеа прелети со беспилотни летала над американската воздухопловна база во Рамштајн“, додава истиот извор.

Летовите се одвиваа во самрак. Беспилотните летала можеа да се забележат на почетокот на самракот и беа јасно видливи во темнината благодарение на светлосните сигнали.

Уредите беа „поголеми од вообичаените комерцијални „хоби дронови“, додаде регионалната полиција.

Истрагата е во тек и нема „конкретен ризик за засегнатите институции“, соопшти полицијата.

Летовите над воздухопловната база Рамштајн, седиштето на американските воздухопловни сили во Европа, датираат од вечерта на 3 и 4 декември, тврди магазинот Der Spiegel. А веста за беспилотните летала ја пренесе и некоја германска телевизија.

Покрај огромниот комплекс на хемиската компанија БАСФ во Лудвигшафен, забележани се и беспилотни летала над објектите на групата Рајнметал, еден од најголемите европски производители на оружје, соопшти Шпигел, повикувајќи се на извештајот на германските безбедносни служби.

Сомнителни дронови редовно летаат над најголемата локација за производство на муниција на групата во Долна Саксонија, според АФП.

Западните политичари и експерти сметаат дека Русија ги интензивира актите на „хибридна војна“, особено во Северна Европа, преку организирање кампањи на непријателски дејствија насочени кон дестабилизација на државите.